ПСАЛМ 87
Молитва во тешко искушение и во смртна опасност
1 Господи, Боже на моето спасение, дење Те повикувам и ноќе сум пред Тебе:
2 за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
3 зашто душата моја е полна со јад и животот ми се приближи до адот.
4 Се изедначив со оние што слегуваат во гроб; станав како немоќен човек,
5 како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнати од Твојата рака.
6 Ме положи во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
7 Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
8 Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
9 Очите мои ослабеа од тага: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
10 Зар за мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
11 Зар во гроб некој ќе кажува за Твојата милост и за Твојата вистина – во местото на распаѓањето?
12 Зар во темнината ќе ги објавуваат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот - Твојата правда?
13 Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја доаѓа пред Тебе.
14 Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
15 Јас сум несреќен и од раната младост се мачам; страдам во ужас и очаен сум.
16 Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
17 Секој ден ме опкружуваат како вода: од сите страни ме опседнуваат.
18 Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; мракот ми е единствен другар.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго:
Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)
20 Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ќе ме оживееш, и пак ќе ме изведеш од земните длабочини.
21 Ќе ми го зголемиш достоинството и пак ќе ме утешиш.
22 И јас ќе ја славам на харфа Твојата верност, Боже мој; ќе Те воспевам на лира, Светецу Израилев!
23 Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
24 И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.