Седмица 2-ра по Педесетница
Недела втора по Духовден
Господ ги повикал Петра и Андреја и тие веднаш, оставајќи се, тргнале по Него. Ги повикал Тој и Јакова и Јована, и тие исто така, оставиле се и тргнале по Него (Мт.4, 18-24). Зошто тие така брзо и радосно тргнале? Затоа што го увиделе она што е подобро. Таков е законот во нашата душа: спознавајќи го и вкусувајќи го подоброто, таа се одвраќа од полошото и го напушта. Тука се случува она што Господ подоцна го покажал во приказните за богатството сокриено во нивата, и за скапоцениот бисер. Богатството и бисерот се вербата во Господ и општењето со Него по силата на верата. Ние го стекнуваме уште во текот на кршетавњето. Меѓутоа, зошто ние толку малку го цениме тоа богатство и зошто го менуваме за ништожности? Затоа што за време на воспитувањето не го внесуваат во нас вкусот на тоа богатство, така што тоа останува туѓо на нашето срце. Нашето срце не го знае она што е подобро. Тоа знае само што е помало зло или поголемо зло, и на тоа го темели својот поглед. Тоа е причината поради која некои се одзиваат и одат кога Господ ќе ги повика, додека ние, иако повикани, бегаме од Него.
Сабота
Не судете за да не бидете судени (Мт.7,1). Каква болест е - оговарање и осудување! Сите знаат дека тоа е грев, па сепак – во нашите зборови најчесто има само - осудување. Така, некој вели: „Не земај ми го тоа, Господе, за осудување“, па сепак своето осудување го спроведува до крај. Друг, пак, се оправдува со тоа што смета дека на разумен човек му прилега да има свој поглед на она што се случува. Тој се труди да расудува ладнокрвно, меѓутоа и прости луѓе во неговите зборови можат да забележат горделво и злорадо осудување. Меѓутоа, пресудата Господова за тој грев е строга и одлучна. Оној што го осудува другиот – нема оправдување. И како може да го има? Значи, како да се одбегне маката? Победоносно средство против осудувањето се состои во тоа самиот себе да се сметаш за осуден. Кој ќе се почувствува за таков, не ќе има кога да ги осудува другите. Од него само ќе може да се чуе:„Господе, помилуј ме! Господе , прости ми ги моите согрешенија!“
Петок
Го прашале Господа зошто Неговите ученици не постат? Тој им одговорил дека за нив се уште не дошло времето да постат. Потоа преку приказна покажа дека, општо земено, строгоста на надворешното подвижништво треба да одговара на возобновнувањето на внатрешните сили на духот. Најпрво загреј го духот на ревноста, а потоа наложувај врз себе и строгост. Зашто, во таков случај во тебе владее нова внатрешна сила, којашто е способна полезно да ја издржи строгоста. Немајќи, ја пак, таквата ревност и земајќи ја врз себе строгоста на животот, поради следење на примерот на другите или поради манифестирање на подвижништво, нема да стекнеш корист. Извесно време ќе се придржуваш до таквата строгост, а потоа ќе ослабнеш и ќе ја напуштиш. И ќе ти биде уште полошо одошто ти беше претходно. Строгоста без внатрешен дух исто е што и нова закрпа на стара облека, или ново вино во стари мевови. Закрпата ќе отпадне и дупката ќе стане уште поголема. А виното ќе ги искине мевивите и ќе се пролее, а мевот ќе стане неупотреблив. Не значи дека строгоста не е потребна, туку само се напоменува дека треба да се сочува правилен поредок. Потребно е да се работи на пројавување на внатрешната потреба за неа. Строгоста треба да биде потреба на срцето, а не надворешен товар.
Св. Теофан Затворник - МИСЛИ ЗА СЕКОЈ ДЕН ВО ГОДИНАТА
Извор: СВЕТОСАВЉЕ
Друго: Од Верскиот календар на МПЦ (06.06.2009)
Предговор