с. Љубанци (скопско),22 мај 2010
На 22 мај 2010 година, во Неделата на Светите отци од Првиот Вселенски Собор, кога Православната црква си спомнува за светиот пророк Исаија, преносот на моштите на Св. Николај, и светиот маченик Христифор, во манастирот на св. Никола во село Љубанци (скопско) се отслужи Архиерејска Божествена Литургија . На Литургијата чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Многубројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни.
По завршувањето на Литургијата, во двете манастирски трпезарии, за сите присутни беше организиран свечен ручек.
Лето Господово 2010
Друго:
ПСАЛМ 102
Благословувајте Го Господа
1 Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име!
2 Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној,
3 Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести;
4 Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини.
5 Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост.
6 Господ им дава милост и правда на сите угнетени.
7 Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израилевите синови – делата Свои.
8 Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив;
9 Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути.
10 Тој не постапува со нас според нашите безааконија и не ни плаќа според нашите беззаконија;
11 зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него;
12 колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи;
13 како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
14 Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав.
15 Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој;
16 ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети.
17 А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда,
18 кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови.
19 Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сé.
20 Благословувајте Го Господа – сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов;
21 благословувајте Го Господа – сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова;
22 благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!