Никола Црнокрак: Секоја црква доколку е автономна истовремено е и автокефална
Охрид, 7 мај 2010 (МИА) - Живееме во 21. век и слободата е голема работа. Но да се има слобода, не значи да се биде против некого. Ние мораме да наоѓаме заеднички соживот, верско почитување едни кон други, тоа е основа на еден демократски систем, изјави за МИА Никола Црнокрак, професор на угледниот Православен институт „Свети Сергеј“ во Париз.
Во врска со прашањето меѓу МПЦ и СПЦ, професорот Црнокрак изрази жалење што не може да се најде помирување, консензус меѓу двете цркви. - Уште како дете ја видов таа поделба. Треба да надвледее интелигенцијата, љубовта, почитувањето. За мене двете цркви се едно исто, не гледам разлика, тоа се прашања од историски и политички карактер за кои треба да се најде решение, истакна професорот, со забелешка дека прашањето треба да се решава етапно, преку консензус.
Проблем, според него претставува и толкувањето на самите термини „автокефална“ и „автономна“.
- Секоја црква доколку е автономна истовремено е и автокефална. Македонија стана посебна држава, па согласно тоа треба да постои и самостојна црква во рамките на македонската држава, додаде тој. нд/ва/аб/13:51