Икона на Пресвета Богородица заплака со солзи од миро во Франција и привлече илјадници поклоници. Иконата се наоѓа во домот на православни Турци, во Garges-les-Gonesse, блиску до Париз. Дневно, низ домот на Есат и Севин Алтиндагоглу поминуваат околу 50-60 посетители, кои сакаат да се поклонат на чудото. Иконата била дадена на сопругата на Есат – Севин, од ливански свештеник во текот на 2006 година, како подарок за роденден.
Иконата почнала да плаче на 12 февруари оваа година, во почетокот на Великиот пост и оттогаш па наваму, од неа непрекинато течат солзи од миро. „Откако се распространи веста, почнаа да доаѓаат луѓе од цела Франција, а веќе и од цела Европа”, изјави Есат. „Веќе повеќе од 3 седмици нè посетуваат околу 50-60 луѓе на ден”.
Свештеник од Антиохиската патријаршија веќе отслужи молебен пред иконата на Божјата Мајка, а Антиохиската патријаршија објави соопштение, во кое повика на трезвено и достоинствено однесување и стравопочит кон чудотворната икона и предупреди истата да не се претвора во сензација и средство за реклама.
Двери.бг
Превод: Б.М.