Со приближувањето на Великиот Пост, ние забележуваме дека во Црковните Богослужби се јавуваат посебни молитви кои Црквата премудро ги одредила за да не подготви за овој период на пост, молитва и покајание. Така, во Неделата на Митарот и Фарисејот, на утрената Богослужба се започнува со пеење на покајната песна „Отвори ми ги вратите на покајанието, Животодавче“ (Покајанија двери отверзи ми Жизнодавче). Во наредната недела, пак, а тоа е Неделата на блудниот син, освен оваа прекрасна молитва, на Утрената почнува да се пее и Давидовиот псалм „На реките Вавилонски“ (Псалм 136). Во Псалтирот овој псалм е поставен веднаш после торжествените и Богопофални псалми 134 (Хвалите имја Господње) и 135 (Исповједајтесја Господеви јако благ), но по својата содржина тој премногу се разликува од нив. Накратко, псалмот ни раскажува за еден период од животот на древните Евреи, поточно, за нивното прогонување во Вавилон и нивната неизмерна тага за родниот Ерусалим. Псалмот се пее и наредните две Недели – онаа на Страшниот Суд и Неделата на простување, т.е. онаа пред самиот почеток на Великиот Пост. А зошто Црквата го одредила пеењето на токму овој Псалм? Како неговата содржина се однесува и на нас?
Еве како тоа го објаснуваат Господовите служители во своите обраќања кон верните:
Великиот Пост , Нашето прогонство
Од отец Серафим Роуз (март, 1965)
„На реките Вавилонски, таму седевме и плачевме, кога ќе си спомневме за Сион“.
Овие зборови на Великопосниот Псалм, нам, на Православните Христијани, Новиот Израел, ни напоменуваат за нашето прогонство. Овој Псалм има посебно значење за православните Руси, истргнати од Русија, но и за сите нас, Православните Христијани, кои живееме во овој свет како во прогонство, копнеејќи да се вратиме во нашиот вистински дом – Рајот.
За нас Великиот Пост е еден вид период на прогонство, востановен од нашата Мајка, Црквата, за да го освежи во нас споменот за Сион од кого многу далеку сме залутале. Ние сме го заслужиле тоа прогонство, а заради нашата голема грешност имаме и голема потреба од него. Само преку горчините на прогонството , за кои ни напоменуваат постот, молитвата и покајанието на овој период, ние успеваме да ја сочуваме во себе визијата за нашиот Сион.
„Ако те заборавам Тебе, Ерусалиме...“
Слаби и заборавни, ние и во деновите на Великиот Пост живееме така како Ерусалим никогаш и да не постоел за нас.Ние сме вљубени во нашиот свет, нашиот Вавилон; ние сме заведени од обилните задоволства на оваа „туѓа земја“ и ги занемаруваме службите и поученијата на Црквата кои не потсетуваат за нашиот вистински дом. И полошо од тоа, ние ги љубиме самите наши поробувачи – зашто нашите гревови не држат во заробеништво многу поцврсто отколку секоја човечка стража – и ние им служиме, минувајќи ги бесполезно драгоцените денови на Постот, кога треба да се подготвуваме за пречекот на Сончевиот Изгрев на Новиот Ерусалим, за Воскресението на нашиот Господ Исус Христос.
{mp3}Na_rekah_Vavilonskih{/mp3}
Повеќе...
Подготви и преведе од англиски и руски С.Л.