Во организација на МПЦО „Св. Архангел Михаил“ од Неиве, Италија, македонската заедница ги одбележа божикните празнувања.
На 5 јануари дел од црковната екипа беше во потрага по најубавите бадникови (дабови) гранчиња, оние кои верниците од храмот ќе ги понесат во своите домови и ќе ги положат во непосредна близина на трпезата како исполнување на дел од македонската народна традиција.
На 6 јануари во молитвено исчекување на Рождеството Христово, Македонците се собраа околу традиционалното бадниково дрво во македонскиот храм Св. Архангел Михаил во Неиве. По благословувањето на дабовите гранчиња, вдишувајќи од празничната атмосфера верните со особена радост се задржуваа во храмот.
На 7 јануари со почеток во 10:00ч. започна Божикната Литургија. По причестувањето со телото и крвта Христови, беше прочитано и Синодалното Божикно послание, преку кое Македонците иако далеку од татковината се чуствуваа сплотени со своите сонародници.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
За Преминпортал, отец Михајло Матевски