„Твоето преславно живеење те покажа прекрасен насекаде, богомудри отче свети, благолепие на светителите, украсу на преподобните! И откако на земјата ги рашири твоите зраци како сонце, ги озари срцата на верните, кои го слават твојот светлоносен и божествен спомен, Николае себлажени.“ (стихира од вечерната служба)
Како што ѕвездите ги осветлуваат морињата и морнарите се управуваат според нив, така и светителите нè осветлуваат со својата морална светлина и ни даваат пример со својот свет живот. Таков е и светиот Николај, Мирликискиот Чудотворец, чие име и дело длабоко е врежано во срцата и душите на нашиот народ. Ова особено се однесува на богољубивите жители на нашиот прекрасен Охрид, каде св. Николај е посебно славен и почитуван.
Затоа, во духот на оваа прекрасна традиција, и годинава Варошани го исполнија познатиот храм на Св. Николај Геракомија и во големо мнозинство го прославија споменот на оној кој го носи името 'победа на народот". Навистина, неискажлива беше радоста меѓу присутните за време на празничната утрена богослужба и светата архерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, а во сослужение со игуменот на Бигорскиот манастир Архимандрит Партениј, старешината на храмот о. Димче Ѓорѓески, игуменот на Манастирот во Калишта о. Јосиф, јеромонахот Достеј собрат на Бигорскиот манастир и јеромонахот Григориј старешина на Манастирот св. Пантелејмон во Нерези, Скопје, кои повеќе години наназад се редовни гости на Митрополитот за овој голем празник и негова домашна слава.
Во својата пригодна беседа после Литургијата, Митрополит Тимотеј го осветли со возвишени и достоинствени зборови ликот на светителот, не само како богољубец, туку и како навистина грижлив, пожртвуван и човекољубив, топол заштитник на оние во беда и застапник за обесправените:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Апостолот на народите во своето послание до Галатјаните има речено: „Сите сте синови Божји преку верата во Исуса Христа" (Гал 3,26).
Човекот е прекрасно Божјо создание. Создателот ја изли премудрост Божја врз сите свои дела, а особено врз човекот. Тој е надарен со умствени способности, тој се издигнува високо во познавање на космосот, проникнува во утробата на земјата за да ги разоткрие нејзините тајни, се труди да ја опфати длабочината на човечкиот живот, на срцето и на духот. Човекот е чудесно создание. И ние се повеќе се уверуваме дека тоа е така, затоа што и ние сме жители на една епоха каде самите сведочиме за невообичаените научни, културни и технолошки постигнувања. Би можеле и ние како псалмопеачот Давид, да му искажеме признателност на Созадателот и да искажеме возвишена оценка за човекот. „Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете Негови“ (Псалм 8, 6-7).
Но, највредното и најценетото кај човекот е човечноста и стремежот да ја постигне истата. Бидејќи без неа, покрај сите дарови кој ги примил од Бога и покрај сите успеси и постигнувања, тој не може да биде наречен прекрасно создание. Човечноста е најценетото, нешто што човек го примил од Бога, и кога се стреми кон неа, се надминува себеси и се издигнува до вистинска култура на духот.
Ние веруваме дека човечноста најпотполно се постигнува преку општење во Исуса Христа, за Кого Пилат рекол: „ете Човек“ (Joван 19, 5). Ние знаеме дека Он е совршениот образ на човек, и ако остануваме во општење со Hero ја постигнуваме човечноста во највисока мера, вистинската човечност кон која се стреми вистинското срце и во кој ќе се наоѓа достоинството на човекот. Колку прекрасно создание е човекот, но колку е возвишен и неговиот повик да Го поддржува Исуса Христа како совршен Човек, за да го постигне Божјото посинување. Преку верата во Исуса Христа и преку општењето со Hero се постигнува повикот да бидеме Синови Божји.
Знаеме дека сите светии кои му угодија на Бога се негови синови и ќерки. Тие произлегуваат од разни човечки народи, живееле во различни временски периоди, ја исполнуваат 2000 годишна историја на Христовата Црква и го осветуваат небото на верата со најсилен блесок. Сите тие припаѓаат на едно и исто царство, и на небото и на земјата, и го потврдуваат единството на верата на сите христијани. Исто така тие се пример на сечовечкото единство. Светиите преку нивната вера го потврдуваат единството на севкупниот човечки род, докажуваат дека во црквата Божја нема разлика помеѓу народите и сите се едно во Исуса Христа.
Секој Божји угодник го отргнува својот поглед од земјата бидејќи тој ништо не бара за себе, никакви земни придобивки, не бара никакви пропадливи земни богатстава, а собира богатсва на небото. He бара ниту слава од луѓето, ниту, пак, првенство во ова земно општество. Но, дали тие не биле служители на луѓето? Го отргнувале ли својот поглед од луѓето и од нивната судбина? Такви биле и нашите свети просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и нивните ученици Климент и Наум. Тие ги надминале земјата и светот и ги победиле преку Исуса Христа. Но тие не го оттргнувале нивниот поглед од луѓето и од нивната иднина. Тие им служеле на луѓето упатувајќи ги кон добра, светла и перспективна иднина. Такви биле и другите наши светии. И покрај тоа што биле оддалечени од земјата со поглед со окото на срцето и со огнената љубов ги опфаќале луѓето. Дури и пустиножителите, кои го напуштале светот, кои едвај имале допир со луѓе, се молеле за среќна духовност и материјална перспектива на луѓето. Сите големи луѓе ја надминувале и надвисувале земјата, за да го опфатат се посилно, во својата љубов човекот и неговата иднина. Кога сакаме да си претставиме голем, човек служител на вистина, на доброто, на љубовта и на возвишените идеи, тој ни се јавува со затворени очи или со поглед вперен кон бескрајот, бидејќи бескрајот е вечноста, свет на вечните вредности.
Денеска ние го празнуваме споменот на Свети Никола, човек на доброто заради Бога и заради луѓето. Целиот негов живот бил служење на доброто. Тој им помагал на луѓето во несреќа според Божјата заповед. Силен во добродетелите тој бил храбар и во одбраната на духовното богатство. Ете зошто верните луѓе молитвено го почитуваат овој свет Божји угодник.
Но таа наша почит се изразува со силна вера во доброто и во љубовта кон Него. He е доволно да го видиме доброто издигнато над целиот свет. Тоа навистина е така. Но, дали го гледаме тоа во нашето срце, дали таму има почва за него? Да се загледаме во себе е неопходно, бидејќи таму се наоѓа најголемата висина. Кој не ќе ја најде прво таму, никогаш нема да ја најде надвор од себе и над себе. Добро е и ние нашиот поглед да го оттргнеме од земјата и да го впериме кон небото. Нашето око треба да се оттргне од секојдневните суетни пазарни нешта. Ние треба да го запреме нашиот поглед врз човек и да се запрашаме што добро можеме да направиме за нашиот ближен, за нашиот сосед, за оној што има мака, што страда. Од нас се бара да покажеме човештина и љубов кон секое Божјо создание, а, пред сѐ, кон човек. Тоа е волјата Божја и заповедта на Исуса Христа. Свештеното слово на мирот треба да израсне во нашите срца како волја за миротворство. Тогаш Бог на мирот ќе нѐ направи совршени за секое добро дело и ќе бидеме удостоени со блаженството да се наречеме синови Божји. Таквото Боговдахновување ќе ги оживее нашите срца, кога со погледот на љубовта ќе го созерцаваме и разбираме ликот на свети Никола, Мирликискиот Чудотворец, Божјиот човек на доброто. По молитвите на Свети Никола, неке биде така. Амин“.
Известува : јеромонах Доситеј