Промотивна беседа произнесена на промоцијата, во Соборниот архиепископски храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје, на 26.11.2009 лето Господово, на денот на свети Јован Златоуст.
Отец д-р Стефан Санџакоски,
редовен професор
БЛАЖЕНСТВАТА – ЗЕМНОНЕБЕСНИ СКАЛИЛА
(од проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон)
Почитувани,
Денес кога Светата православна црква го празнува нејзиниот колосален егзегет свети Јован Златоуст, се случува промоција на капиталното егзегетско и макариолошко дело: Блаженствата – земнонебесни скалила. Автор на ова, според многу нешта интересно и бележито дело, е лидерот на актуелната библиска теологија во Република Македонија, протоѓаконот, проф. д-р Ратомир Грозданоски.
Овој извонреднo трудољубив и плодотворен теолог на Македонската православна црква, со својот севкупен хабитус ја потврдува непогрешливата библиска теза, запишана во апофтегмата: „По плодовите ќе ве познаат“. Поради многуте напишани и објавени теолошки трактати, името на професорот Грозданоски излезе од претесните рамки на една провинциски детерминирана теологија и задре во богомислениот свет на теологијата чии предели се икуменски.
Неговата наклонетост кон идеите на црковниот универзализам ја посведочува и Неговата најнова книга: Блаженствата – земнонебесни скалила. Токму затоа таа претставува нов импулс за понатамошниот развој на библиските науки кај нас.
Почитувани,
Мојата богословска интуиција ме прави решителен во постулирањето на претпоставката, дека еклектичката теологија на проф. д-р Грозданоски, ќе поттикне коренита евалуација на веќе одамна одомаќените туѓи богословски и философски флоскули и тези, во светлината на патристичката богословска синтеза.
Во таа смисла, теологијата на проф. д-р Ратомир Грозданоски ја ’рти тенденцијата на извишување над празното повторување и прераскажување на новозаветните библиски содржини, како и содржините од делата на Светите Отци. За жал, инфлацијата на зборови својствена за празнословната лексичка гимннастика на технологизираната, мртва теологија, стана облежје за повеќето современи богослови. Во Блаженствата – земнонебесни скалила јасна е и недвосмислена определбата на авторот за новата патристичка синтеза. Како поинаку ќе се објасни употребата на методолошката постапка во толкувањето на новозаветните текстови, својствена за гораздите егзегети и херменевти од типот на: свети Јован Златоуст, Ефтимиј Зигабен, блажени Теофилакт Охридски и преподобен Јустин Келиски…?!
Како за сите светии на Црквата Христова, така и за проф. д-р Ратомир Грозданоски, гревот и смртта се единствените вистински причинители на секоја мака, горчина и болка кои го тресат светот на човекот. Поради нив, луѓето го доживуваат животот како проклетство. Ова сознание го прогони човекот сè додека не победи, војувајќи со гревот и со смртта. Но, можна ли е победата? – со право се прашува авторот. За веднаш потем да одговори потврдно : Да, бидејќи победата над гревот и смртта ни ја обезбеди Божествениот Спасител во Неговото учење за Блаженствата. Проф. Грозданоски ја постулирал оваа можност така, што не соочува со капацитетите на апофатската и катафатската теологија. А тоа значи, дека Блаженството за кое зборува Бог во Блаженствата не претставува недостижна и недостапна небесна стварност, до која се доаѓа откако душата ќе ги помине портите на смртта и ќе влезе во идниот свет и век. За авторот на оваа книга, блаженството се антиципира уште сега и овде – hic et nunc како небесна реалност, а потем се транспонира во вечните и несмртни предели на Градот Небесен – Ерусалим.
Друго:
- Промовирани три духовни книги на професор Ратомир Грозданоски
- ИЗВАДОЦИ ОД КНИГИТЕ на проф. д-р Ратомир Грозданоски
- Протоѓакон проф. д-р Ратомир Грозданоски - „Вовед во Светото писмо на Новиот завет – посебен дел“
Посети: {moshits}