Кокино, Археолошки бисер, Библиска земја, Охридска архиепископија, Небесни кораби, се дел од содржината на монографијата „Зеницата на Македонија“, која го содржи неопходното културното и духовното наследство на Македонија. Беше промовирана на 15 декември во соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Книгата е во издание на „Зеница“, а нејзини составувачи и автори на текстовите се Венко Андоновски и Глигор Стојковски. За делото зборуваа академик Георги Старделов и академскиот сликар Глигор Чемерски. На промоцијата присуствуваа Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан и Митрополитот Струмички г. Наум.
Старделов книгата ја нарече биографија за македонскиот дух:
- Ние, Македонците, сме многу горди на своето културно наследство, но, за жал, малку работиме на тоа да го откриеме и сознаеме. Оваа книга треба да се смета како биографија на македонскиот дух. Има различни видови книги. Некои се прават за да се мисли светот, други да се доживува, а трети да се гледа светот. Оваа книга ги обединува сите тие три принципи и импресионира и со својата поетска димензија - рече Старделов.
„Оваа книга покажува дел од универзалната историја на човештвото, не е само тоа македонска историја“, вели Глигор Чемерски, ликовен уметник и промотор. Чемерски, пак, истакна дека тоа дело му дава храброст да твори и понатаму.
Со поднаслов книга за секоја македонска куќа и за секој минувач низ Македонија, се отвора со мегалитската опсерваторија Кокино, а завршува, симболично, со велешка порта заклучена со ѓердан.
„Оваа фотографија ја затвора книгата затоа што ние тропаме на портите од Европа, и многу добро знаеме што има зад тие порти, какви ХАСАП системи и регулативи, но и тие тропаат на нашата порта и нека ја отворат, но внимателно, така што нема да го скинат нашето наследство“, изјави Венко Андоновски, писател.
• Македонија е зеница
Сé што е во врска со Македонија е во врска со светлината и зеницата. Зеницата обединува спротивности: на светлина се собира, во темно се шири. Таа е мала точка во која го собира сиот космос, се што постои: таа е доказ дека и најголемото се состои во најмалото.
Еве ја пред нас, зеницата на Македонија.
• Зеницата е светлина
Кај прозорците на нашите македонски куќи, кои се нивните зеници,се гледа опсесијата на Македонецот: светлина, светлина, и само светлина: копнеж по видело и виделина. Тоа е вековниот копнеж, уште од Кокино и стародревните записи по камењата, пергаментите, папирусите: да се види, да се узнае, да се созерца светот низ прозорците на телото и душата. Тоа е македонскиот дух, жеден за знаење.
15 декември 2009 г. - Соборен храм на св. Климент Охридски