ДО
ВИСОКОПРЕПОДОБНИОТ АРХИМАНДРИТ
ГОСПОДИН П А Р Т Е Н И Ј
СТАРЕШИНА НА МАНАСТИРОТ „СВЕТИ
ЈОВАН БИГОРСКИ“
МАВРОВО-РОСТУШЕ
ВАШЕ ВИСОКОПРЕПОДОБИЕ,
Од името на професорите, студентите, вработените и од свое лично име изразуваме длабоко жалење за големата несреќа (1 Кор 12, 26) што го снајде манастирското братство на чело со Вас почитуван архимандрите Партениј. Големиот пожар што го снајде манастирот при што изгореа конаците, библиотеката, големата и малата трпезарија, кујната и другите помошни простории е огромна загуба за целата Македонска православна црква.
Да ве потсетиме високопреподобен оче Партениј на зборовите од светиот апостол Павле, кој запишал: „Вие сте храм на живиот Бог“ (2 Кор 6,16), тоа значи дека доколку успеавте и во вашите собраќа да изградите храм на живиот Бог, тогаш уверени сме како живи камења кои сте вградени во духовниот дом (1 Петр 2,5), ќе можете да подигнете нови конаци од камење и тули, како аманет и обврска преку што најмногу се покажува верата, достоинството и надежта.
Нашите претци, поткрепувани, охрабрувани и водени од парохиското свештенство и преподобното монаштво, граделе цркви и манастири со велелепни конаци во чест и слава Господова и Неговите угодници, и истите ги украсувале како што прилега, се разбира најубаво колку се можело и умеело. Вие денес ја изодувате традицијата на нашите татковци за да им го покажеме патот на чистото православие на нашите синови и ќерки.
Нека е слава и благодарност на Бога, Кој постојано им помага на ктиторите, градителите, помагачите, украсителите и на сите учесници кои ќе земат учество во обновата на ова големо македонско поклоничко светилиште.
Христос помеѓу нас!
Д Е К А Н
НА ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ
Проф. д-р Ацо ГИРЕВСКИ, с.р.
Протоереј-ставрофор