...„Да се возљубиме еден со друг и едномислено да Го исповедуваме: Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица Единосуштна и неразделна! ...За соединување на сите на Господа да се помолиме!... И дај ни со една уста и со едно срце да го воспеваме и славиме Твоето свето и великолепно име – Отецот и Синот и Светиот Дух сега и секогаш и во сите векови. Амин!“ (од Божествената Литургија на Св.Јован Златоуст)
- Вака редовно се принесуваат усрдни молитви кон Бога во нашиот свет Храм. А Бог, Кој ги слуша сите Свои чеда, никогаш не ги остава добрите прозби кон Него неисполнети. И, како и минатата година при празнувањата во чест на нашата покровителка Св.Параскева, така и оваа година овие наши молитви во целост се исполнија!
Повторно нашата сестринска Руска Црква ја покажа своето БРАТСКА ЉУБОВ кон нас преку донесувањето на светите и пречесни мошти на Светата Параскева! Нивното присуство на Бдението и Светата Литургија уште повеќе не исполни со радост и духовна благодат! На светата Литургија на верниците им беа делени икончиња од Св.Петка, кои допирајќи ги врз светите мошти, верниците си ги земаа дома за благослов и душевно и телесно здравје. Овде е важно да се спомене и дека покрај моштите на Света Петка беа и честици од моштите на Свети Пантелејмон, Свети Јован Крстител, Свети Јован Златоуст, Св.Апостол Андреј, Св.Григориј Богослов, Св.Марија Магдалена, Св.Пророк Јеремија, Св.Апостол Лука, Св.Великомаченица Варвара, Св.Великомаченик Ѓорги Победоносец, Св.Филомен, Св.Харалампиј и Св.Трифун, како и честица од Чесниот и Животворен Господов Крст! Навистина ПРЕГОЛЕМА благодат!
И повторно во ЕДНОМИСЛИЕ сослужуваа нашиот парохиски свештеник о.Стојан Стојанов и свештеникот од нашата сестринска македонска Црква Св.Кирил и Методиј од Хинздејл – о.Рубинчо Ацевски. Исто така, оваа година заедно со чтецот на нашата Црква – Драган Јорданов, прислужуваа и аџи-чтецот Стојан Димитриевски од Црквата Рождество на Пресвета Богородица од Детроит, како и чтецот Стојанчо дојден овде на привремена посета од Македонија.
И повторно СОЕДИНЕТИ и собрани на едно место ГО СЛАВЕА ГОСПОДОВОТО СВЕТО ИМЕ верниците од различна национална припадност (Македонци, Руси, Украинци, Срби, Бугари итн.) кои беа едно во Господа.
И повторно ангелски и СО ЕДНА УСТА И ЕДНО СРЦЕ СЕ ПРОСЛАВУВАШЕ и ВОСПЕВАШЕ Светата Троица, Божјата Мајка и нашата покровителка Светата Параскева, со умилните гласови на Архиерејскиот Хор од Руската Катедрална Црква предводени од нашата диригентка (која, пак, е член и на нивниот Архиерејски хор!). И оваа година бевме почестени со присуството на протоѓаконот Вадим Ган и ипоѓаконот Андреј Уртиев, како и чтецот Сергеј Фурманов и чтецот д-р.Михаил Гил (кој воедно е и диригент на архиерејскиот хор). Нашите верници со љубов ги пречекаа овие наши драги гости и им изразија искрена благодарност за прекрасното пеење. По Бдението пак, на трпезата на љубовта, нашата талентирана виолинистка Ана Симоновска им свиреше изворни македонски песни, а народот пееше, а потоа гостите ни отпеаа нешто руско, а таа ги пратеше на виолината. Беше прекрасно!
На Светата Литургија во саботата, отец Стојан им се обрати на Руски, заблагодарувајќи им се за пеењето и замолувајќи ги да пренесат поздрави од целата наша македонска Црква до нивната руска катедрална Црква и благодарност до в.Петар за светите мошти, а потоа на протоѓаконот Вадим му врачи и писмо со благодарност. За возврат, пак, за сета наша гостољубивост, по благословувањето на ручекот, протоѓаконот ги изненади сите со својот специфичен, длабок глас: „Благоденственое житие, здравије же и спасеније и во всјем благое поспешение подажд Господи всечесном Протојерејом Стојаном, Старостему, Сестричеству, Началнице хора и всјех појушчих и сохрани их – НА МНОГАЈА ЛЕТА! И хорот торжествено отпеа Многаја лета, а сите во салата се исполнија со радост! Исто така, нашиот свештеник беше поканет од протоѓаконот и другите гости да присуствува во руската Црква на Службата во чест на празникот Успение на Божјата Мајка, која ќе започне со Бдение во четвртокот вечерта , на 27 Август, во 9,30ч., па ќе има изнесување на плаштаницата на Пресвета Богородица со Трикратен опход околу Црквата, а потоа околу 12ч. ќе се продолжи со Света Архиерејска Литургија (за повеќе информации околу оваа служба може да се посети веб страницата на руската Црква: http://www.holyvirginprotection.org/).
Во неделата, нашите празнувања продолжија со Светата Литургија обогатена со пеењето на нашиот Црковен Хор, по која следеше Водосвет, благословување на празничниот Колач и избор на нов кум на нашиот Храм. Оваа година таа чест и припадна на нашата сестра во Христа Анче. Нека е благословено од Господа нејзиното кумство!
Нека ни биде на сите напомош Светата Преподобномаченица Параскева и
НА МНОГАЈА ЛЕТА НА СИТЕ КОИ УЧЕСТВУВАА ВО НАШИТЕ ПРАЗНУВАЊА И ГИ ОБОГАТИЈА СО СВОЕТО ПРИСУСТВО!!!