Денес, на 2 јуни 2009 година, кога Светата Црква го слави споменот на светиот маченик Талалеј и светиот маченик Аскалон, во храмот на света Петка, во Скопје, се отслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Свето Евангелие од светиот апостол Јован (зач. 53)
Рече Господ на Своите ученици: „Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас. А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: ,Каде одиш?’ Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд: за грев - дека не веруваат во Мене; за правда - оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите; а за суд - зашто кнезот на овој свет е осуден. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина.“
Свети Димитриј Ростовски
Особено чувај се од јарост, гнев и злоречие за да не се помрачи твоето срдечно око. ( Извор: Од Верскиот календар на МПЦ)