Во Црковната Општина “Свети Георгиј Победоносец” нас. Чаир, веќе два месеца се спроведува програмата “Да живееме како Црква!” Во рамките на програмата се вклучени неколку активности. Првата, која досега даде најголем плод, се Духовните средби посветени на младата генерација на Боготражители и Вистинољупци. На овие средби, кои ги води отец Ивица Тодоров, поголем број на млади луѓе се запознаваат со:
1. темелните вистини на Христовото Евангелие,
2. со процесот на духовно растење и очистување,
3. со искуството да се живее заедно како Црква и да се учествува спасоносно и исцелувачки во Светите Тајни и Вредности на Телото Христово,
4. со мудроста како да живееме како христијани во овој свет и во нашето време, такво - какво што тоа е,
5. со радоста да се дружиш со млади луѓе кои Исус Христос го имаат како мерка и критериум за својот живот.
Навистина, од голема полза се овие средби. Тие, освен што не поучуваат и воведуваат во Вистината што ни ја откри Христос, тие ја сведочат вистината дека е навозможно да има православно христијанство без Црква. Сите ние, и помладите и повозрасните, сме сведоци дека основниот проблем, од многуте други со кои се соочуваат современите христијани, е несакањето да се разбере дека треба да се живее како Црква, како Заедница, како ученици и семејство Христово. Без прифаќање и остварување на оваа вистина, христијанскиот живот ја губи својата благодатна сила и првин се претвара во формализам, а потоа во безчувственост кон духовното и светото, за на крај да заврши со атеизам и примитивизам. Средбите се одржуваат секој четврток во 17 и 30 и секоја недела, по Литургијата, околу 10 часот.
Втората активност, која некако природно е врзана со првата, е подготовката на возрасни кандидати за крштевање. Под возрасни кандидати се подразбираат лица од 14 години па нагоре. Подготовката се врши преку запознавање на кандидатите со Символот на православната христијанска вера, односно, преку негово толкување и објаснување. Откако кандидатите ќе бидат сигурни дека сакаат да бидат крстени, а со тоа и да станат членови на Црквата, тогаш тие се запознаваат и со нивните одговорности кои ги очекуваат по крштевањето. По сета таа подготовка, за радост на целата Црква, се извршува Светата Тајна Крштевање.
Третата активност е можноста заитересираните верници да имаат лична срадба, како со отец Ивица Тодоров, така и со останатите парохиски свештеници при Црковната Општина “Свети Георгиј Победоносец”. На овие средби, кои првенствено се остваруваат секој вторник од 12 часот и секој четврток од 13 до 17 часот, заинтересираните верници или Боготражители можат да побараат совет, одговор на некое нивно прашање или проблем, да се договорат за исповед или да се исповедаат.
Браќа и сестри! Бевме и видовме. Затоа што ни се допадна - останавме. Повелете и вие! Од големо значење е и тоа што овие активности се остваруваат во средина која е верски и етнички мешана. Дојдете и вие.
Ваши во Христа, Марија и Сања Коцеви
Посети: {moshits}