(Средопосна)
Спомен на светиот отец наш
Јован Лествичник
Пустински жител и телесен ангел и чудотворец си се јавил, богоносен отче наш Јоване. Со пост, бдение и молитва небесни дарованија си примил и исцелувајќи ги болните и душите на оние кои верно притекнуваат кон тебе. Слава на Оној Кој ти даде крепост, слава на Оној Кој Те овенча, слава на Оној Кој преку тебе, на сите им дарува исцеление.
Тропар
Поминувајќи ја средината на ова свето време на Постот, радосно да поитаме кон преостанатото, помазувајќи ги душите со елеј на милосрдие, за да се удостоиме да се поклониме на Божественото страдање на Христа, нашиот Бог, и да го дочекаме Неговото страшно и свето Воскресение.
Вечерна, Средопосна Недела
Молитва:
Помогни ни, Господи, со светиот Јован Лествичник, како вдахновение, и ние постепено во дејание да го поминуваме ова свето време на воздржание и пост, за повторно да Те најдеме и во љубов и смирение да имаме удел во заедницата со сите ближни, великиот дар на Твојата љубов, чекајќи го денот на Твоето велико и свето Воскресение. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Послание до Евреите 6, 13-20
Свето Евангелие по Марко 9, 17-31
Созерцание: ...И му рече Исус: »Уште едно ти недостига: оди и продај го сиот твој имот и дај на сиромасите и ќе имаш богатство на небото и дојди, земи го крстот свој и појди по Мене«.
Свето Евангелие по Марко 10, 21
Од Православен календар на МПЦ
Светиот апостол Аристовул 29/03/2009
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на Св. апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на Св. апостол Павле, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павле поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски). Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа. На крајот со силата на Божествената благодат овој свет маж постигна успех. Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господ и појде во Неговото Царство.
Светиот маченик Савин 29/03/2009
Мисирец од градот Хермопол и хермополски старешина. За време на едно гонење на христијаните се оддалечи во една планина заедно со многумина христијани и се затвори во една колиба во која времето го минуваше во пост и молитва. Но просјакот којшто му носеше храна, а на кого Савин му имаше направено многу добрини, за два златника го поткажа. Беа фатени Савин и уште шестмина. Војниците ги врзаа и ги потераа на суд. После големи маки го фрлија во реката Нил и таму Му го предаде својот дух на Бога во 287 година.
Светите свештеномаченици Трофин и Тал 29/03/2009
Браќа по тело, од Сирија. Јавно и слободно Го проповедаа Христа и го изобличуваа елинското и римското безумство. Разјарените незнабожци решија да ги убијат со камења, но кога ги фрлаа камењата по нив, тие им се враќаа на напаѓачите, а браќата останаа неповредени. По ова обајцата ги распнаа на крст. Висејќи на крстовите браќата ги поучуваа и ги храбреа христијаните што стоеја наоколу нажалени. После маките Му го предадоа својот дух на Господ, Кому верно Му служеа. Пострадаа чесно во 300 година во градот Вофор.