„Дева денес Надсуштествениот Го раѓа и земјата на Непристапниот пештера Му принесува, ангелите со пастирите славословат, мудреците со ѕвездата патуваат. Се роди заради нас Новороденче, Предвечен Бог.“ (кондак на празникот)
Денес, на празникот на Рождеството Христово, поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на бројното свештенство од Скопската епархија отслужи Божествена Литургија во соборен храм на св. Климент Охридски во Скопје, на која присуствуваа и претседателот на државата г-дин Бранко Црвенковски, претседателот на македонското Собрание г-дин Трајко Вељановски, вицепремиерот г-дин Ивица Боцевски, претседателот на комисија за меѓурелигиски дијалог г-дин Звонко Муцунски , министри во Владата, членови на дипломатскиот кор и голем број верници. Божикната литургија ја проследија и евроамбасадорот Ерван Фуере и амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер.
За прв пат, Македонската Православна Црква воведе симултан превод за лица со оштетен слух.
Многубројниот присутен верен народ на Литургијата се причести со Светите Тајни Христови.
По Литургијата, Архиепископот г.г. Стефан во чест на празникот на Рождеството Христовo, во Архиепископијата на МПЦ ги прими Претседателот на државата г-дин Бранко Црвенковски, претседателот на македонското Собрание г-дин Трајко Вељановски, вицепремиерот г-дин Ивица Боцевски и претседателот на комисијата за односи со верски заедници г-дим Звонко Муцунски.
Посети: {moshits}