Охрид, 5 октомври (МИА) - Членовите на Архиепископиот црковно-народен собор вчеравечер во манастирискиот комплекс Калишта кај Струга едногласно одлучија точката од дневниот ред која се однесува на предлогот за измени и дополнување на Уставот на МПЦ да се одложи и да се разгледува на следниот црковно-народен собор.
Истовремено од јубилејниот собор на ова највисоко црковно управно и законодавно тело на МПЦ упатен е апел до државниот врв за национално единство и единствен пристап во врска со прашањето околу разговорите за името со цел сите сили да се насочат кон запазување на националиот и духовен идентитет на македонскиот народ.
Со тоа се потврдува ставот од резолуцијата на Архиепископиот црковно-народен собор од 2005 година за зачувување на уставното име на Македонија.
Членовите на Соборот изразуваат благодарност до Владата за воведување веронаука во редовниот образовен систем како и за долгоочекуваната државна акредитација на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Истовремено, правосвештенството на МПЦ, според текстот на резолуцијата, бара и интензивирање на процесот на денационализација и враќање на имотите на црквите и манастирите на МПЦ.
Архиепископиот црковно-народен собор синоќа одржа Свечена академија по повод 50-годишнината од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ.
Во рамките на Архиепископскиот црковно-народен собор во катедралната црква на Света Софија денеска се одржа Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со сите архиереи на МПЦ.
Извор: МИА
Посети: {moshits}