Дека љубовта во Христа не познава граници и дека таа ги поврзува сите кои со ист дух и ревност Му служат Нему, сведочи и денешната посета на Митрополитот Пловдивски, г-дин Николај и неговиот викарен епископ Антониј во придружба на високи гости од соседна Р. Бугарија, меѓу кои и министерот за транспорт и врски Петар Мутафчиев, бугарскиот амбасадор Михо Михов како и бројни ктитори од Пловдивската Епархија.
Во рамките на својот престој во нашата земја, покрај посетата на повеЌе значајни светилишта во Скопје и Охрид, оваа висока делегација во придружба на надлежниот архиереј, Митрополитот Дебарско-Кичевски г-дин Тимотеј, ја посети и Бигорската обител на Светиот Претеча и Крстител како и неговиот метох посветен на Св. Георгиј Победоносец.
Во чест на своите високопочитувани гости и на голема радост на братството и сестринството, кои оваа посета ја сметаат за вистински благослов, беше направена иподохија - свечен пречек од игуменот архимандрит Партениј со неговите во Христа браќа и сестри.
Во својата пригодна беседа, игуменот му се обрати на Митрополит Николај, заблагодарувајќи му се за неговата посета, а истовремено изразувајќи ја својата голема радост заради повторната средба со еден навистина голем духовен човек, за чија ревност има слушано толку многу и кој вистински Го љуби Бога и Христовата Црква. Во духот на таа љубов, архимандрит Партениј, го замоли Неговото Високопреосвештенство да се застапува за полно канонско единство на нашата Црква со останатите сетрински Православни Цркви.
Како одговор на тоа, Митрополит Пловдивски г-дин Николај го искажа своето задоволство заради богатиот духовен плод кој се гледа во двата манастира, благодарение на големиот труд и пожртвуваност на игуменот, а кој сведочи за живиот дух на Македонската Православна Црква.
Известува: јеромонах Доситеј
Посети:{moshits}