+Неракотворната икона на Господ Исус Христос; Светиот маченик Диомид; +Преподобен Јоаким Осоговски; Светиот маченик Стамат; Старец Јосиф Исихаст;
Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 11:27-30
27. Сe ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.
28. Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам;
29. земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши;
30. зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.”
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Марко 1:9-15
9. А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.
10. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него.
11. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.”
12. Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина.
13. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.
14. А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо,
15. и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.”
Апостол на празник: Послание на светиот апостол Павле до Колосјаните 1:12-18
12. благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нe направи способни да учествуваме во наследството на светитите во светлината;
13. нe избави од власта на темнината и нe доведе во царството на Својот возљубен Син,
14. во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите,
15. и Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар;
16. бидејќи преку Него е создадено сe што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сe е преку Него и за Него создадено.
17. Он е пред сe, и сe преку Него се држи.
18. И Он е глава на телото, односно на Црквата; Он е почеток, првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сe.
Апостол на денот: Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 5:10-15
10. зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло,
11. И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надеваме дека сме познати и на вашите совести.
12. Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце.
13. Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас.
14. Бидејќи љубовта Христова нe гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени.
15. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна.
Поука на денот: Свети Ефрем Сирин
Човекот кој трпеливо поднесува кога го озборуваат или навредуваат личи на оној кој го заклучил лавот во кафез, а оној кој одговара со озборување и со навреди, личи на човек којшто самиот себеси се удира (со оружје).