Монашка посета при Вселенскиот Патријарх (16.12.2021 17:16)
Константинопол, Царицата на градовите. Фанар, Вселенската Патријаршија. Духовното достојание на Светиот Апостол Андреј Првоповиканиот, на Светите Патријарси Јован Златоуст, Григориј Богослов, Фотиј Велики и на многу други светила на Црвата; Првопрестолната Мајка Црква на целото Православие, незаодниот светилник на апостолската вера, неугасливиот факел на Божјата благодат кој со евангелскиот оган просветил многу народи, вклучувајќи го и нашиот – вчера заблеска за нас со уште зрак на Божјата благодат. Имено, во сечесниот патријаршиски храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј ги прими на посета сите монаси и монахињи под духовно раководство на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, од нашите четири манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино. Со благослов на нашиот почитуван Митрополит, г. Тимотеј Дебарско-кичевски, а водени од нашиот Старец, се удостоивме да го видиме Сесветиот Патријарх и да се поклониме на чесните мошти на Светите отци наши Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, како и на Светите маченички Ефимија и Соломонија и на Светата царица Теофана.
На срдечниот прием, на кој присуствуваше и почитуваниот Митрополит Халкидонски, г. Еманиул, Вселенскиот Патријарх уште еднаш ја покажа својата огромна љубов кон Црквата Божја, како вистински татко на православните. Тој изрази голема почит кон нашиот духовен татко и Старец, кој имаше посебно обраќање кон Неговата Сесветост. Пред Патријархот, исто така, беше прочитано и монашко послание од името на сите наши браќа и сестри. Потем, свое пригодно обраќање имаше и Сесветиот Патријарх, во кое ја искажа својата татковска грижа за сите нас и за Црквата наша. Накрај сите си зедовме благослов од него, целивајќи му ја светата десница.
Средбата во Фанар беше вистински духовен празник, исполнет со радоста на Воскресението.
Посетата на Вселенската Патријаршија ја исползувавме и за поклонение на големите светињи во Цариград. Си заминавме од Царицата на градовите исполнети со голема благодат и уверение во татковската закрила на Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј.
Извор: МПЦ-ОА
http://mpc.org.mk/vest.asp?id=7520