логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Пролетта болсна, дојдете да се насладиме! Воскресението Христово засветли, дојдете да се развеселиме! Споменот на страдалецот, кој ги просветлува верните, се покажа. Затоа празнокољупци, дојдете овде тајно да торжествуваме, зашто овој (маченик), како добар воин, покажа храброст пред мачителите и нив ги посрами, оти се уподоби на Спасителот Христа и своето земно тело не го помилува, туку гол за маки го поготви. Кон него да повикаме: Страдалнику, моли се, да се спасат душите наши.
    (Славник на стиховни стихири)

Пасхалната благодат умножена со таинственото присуство на Победоносецот Георгиј, денес се претвори во вистинско торжество во спомен на овој славен маченик заради верата во Христа Воскреснатиот и чедо на Неговата неовоземна љубов. Свечената архиерејска Литургија ги погали со умиление душите на присутните во Рајчичкиот храм, а радоста се измеша со солзи кога највозљубениот наш Старец и владика Партениј низ вдахновени слова ни го наслика двојниот подвиг, на верата и мачеништвото, што Св. Георгиј Му ги принесе на Христа како најскапоцен дар:

 



Христос воскресе!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, е веќе петти ден од Светлата Седмица, односно петти ден на најголемиот празник во Црвата, Воскресението Христово. Редовното евангелско четиво за Светата Литургија на овој ден се однесуваше на еврејскиот старешина Никодим, кој една вечер тајно отишол при Христа, за да разговара со Него. Отишол при Него навечер затоа што, можеби, се плашел или се срамел од другите фарисеи и народни првенци да се среќава со Христа, Кој бил презрен и омразен од јудејските водачи и старешини. Или пак, можеби не сакал да разговара со Христа среде толпата, кога Он бил опкружен со народ, туку насамо, за да би можел подобро да Го праша и да го ислуша, со цел да му се разјаснат некои нешта за кои размислувал. Овој јудејски кнез се разликувал од останатите народни старешини по тоа што имал чувство и внатрешен вид за делата и чудата што ги правел Господ Исус и за поуките што излегувале од Неговата Божествена уста. Имал, значи, добро и богоприемчиво срце и затоа со своите духовни очи препознавал дека Христос е нешто повеќе од обичен човек. Затоа, пристапувајќи, Му рекол: Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него (Јован 3,2). Ова е, сепак, едно големо просветление за еден јудејски началник, имајќи предвид дека другите страшно многу Му се противеле на Христа и тврделе дека чудата што Он ги прави се со силата на лукавиот (Сп. Марко 3,22).


Мошне длабок и чудесно теолошки е разговорот на Христа со Никодима, опишан во Евангелието на Свети Јован Богослов. Спасителот, меѓу другото, му вели на Неговиот собеседник: Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо (Јован 3,3). Никодим се зачудил од овој исказ. Бил повозрасен, па Го прашал Христа: Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди? На ова Христос му одговорил: Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух (Јован 3,3-6). Господ Христос тука мисли и зборува за духовното преродување што ќе се случи преку Неговото Воскресение и Вознесение, за сите што потоа ќе го примат светото крштение и ќе го прифатат крстовоскресниот пат. На чинот на крштението има една молитва што се однесува на новокрстениот: „…обнови го во животот вечен и исполни го силата на Твојот Свет Дух, за соединување со Христа Твој, та да не биде повеќе чедо на телото, туку чедо на Твоето Царство“. Преку тајната на крштението секој Христијанин станува нова твар, чедо на Духот. За Никодима и за сите законоучители од тоа време, кои надворешно добро го знаеле Светото Писмо, можеби дури и напамет, било тешко да ги разберат овие зборови, бидејќи станале поклоници на буквата и на формата. Затоа Христос му вели: Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните? (Јован 3,12) Христовото богословие не било некое земско мудрување, туку живо откровение на небесните тајни, живот според Духот.

Втор важен сегмент од Христовото поучно слово кон Никодима е богословието за Светиот Дух: Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот (Јован 3,8). Сака да каже дека Духот Божји бара смирени срца што ќе бидат отворени за да Го примат, срца слични на простите галилејски рибари. Од едноставни и необразовани луѓе, тие, преку Духот Свети, станале ловци на целата вселена, за разлика од оние што површно го читале и толкувале Светото Писмо, без да го разбираат со срцата свои и да го исполнуваат во своите животи. Така, мили мои, за да се биде вистински богослов потребно е да се има отворено и чисто срце, исполнето со благодарност и со љубов кон Бога. Светиот Дух дише во таквите срца и ги просветлува со најголемите спасителни тајни. Свети Игнатиј Брјанчанинов на едно место во своите поученија вели: „Еден доктор по теологија може да биде врвен во својата област, заслужен за академската наука, но кога на таквиот би му се случило некаква неволја во животот, тој ќе почне со сомнеж да се запрашува: постои ли Бог? Па така, може ли од мракот да произлезе светлина?“ Значи, вистинскиот богослов и Христијанин не смее никогаш да се сомнева во Бога и во Неговата Промисла. За секого што е роден од „вода и дух“, сомнежот е недопустлив, бидејќи тој, како мртов за овој свет и за злото во него, треба да биде сведок на Светлината.

Третиот важен момент од разговорот на Христа со Никодим е пророштвото што Господ го дава за Себе. Имено, Тој прави паралела со пример од Стариот Завет, кога Мојсеј, по заповед Божја, направил бакарна змија и ја подигнал високо, налик на крстовите што ние ги издигнуваме високо при литиите, та секој што ќе го каснела змија во пустината, ако погледнел со вера кон тоа знамение, ќе се исцелел. Никој не се искачил на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен (Јован 3,13-15). Искачувањето на небото го означува Спасителовото Вознесение, кога Он ја вознесе човечката природа во Божествените предели и со тоа го изврши спасението на светот и ни ја предостави можноста за обожението. Издигнувањето, пак, на Синот Човечки го претставува Неговото распетие на Крстот, та секој што со вера ќе гледа во Него, Распнатиот, да не погине, но да има живот вечен. Колку е несфатлива љубовта Божја! Самиот Бог дозволува да биде издигнат и прикован на крст, за спасение наше.

Оваа година на петтиот ден од Светлата Седмица се совпадна и споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, па затоа, освен редовното, се читаше и Евангелието за Маченици. Тој евангелски извадок започнува со љубовта. Имено, Господ Христос им вели на учениците: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг (Јован 15,17). А завршува, пак, со Христовите зборови: Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба (Јован 16,2). Започнува, значи, со Божјата заповед за љубовта, а завршува со злото што Му се спротивставува на Бога. Пораката е јасна: во овој свет се одвива постојана борба помеѓу доброто и злото, помеѓу љубовта и омразата, а бојно поле на таа борба, како што вели Достоевски, е срцето човечко. Следствено, потребно е секогаш да го изгонуваме злото од нас, преку љубовта и добрината. Зашто, злото нема таква сила каква што има љубовта. Од таа причина Христос го започнува денешното Евангелие со заповедта за љубовта едни кон други. А и Апостолот Павле, го пренесува истото, поучувајќи ги Галатјаните: Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг и исполнувајте го така законот Христов (Гал. 6,2). Овие новозаветни извадоци ни покажуваат колку е неопходна и важна љубовта, а со неа и трпението, за да би можеле да го исполниме законот Божји и да се спасиме. Како Христијани сме должни секогаш да го носиме бремето еден на друг, за на тој начин љубовта да победува над злото, коешто потполно ќе биде уништено при Второто Христово доаѓање и Страшниот суд.

    „Светлината во темнината свети и темнината не ја опфати“ (Јован 1,5) – вели најголемиот меѓу богословите, евангелистот Свети Јован. Не може злото да ѝ се спротивстави на вистинската христијанска љубов, која е светлина. Свети Георгиј ја избрал светлината Христова и востанал против злото во овој свет со љубовта што произлегува од Бога. Поради тоа сето зло од овој свет се истурило врз него, па дури и го погубил. Но, доколку и се умре за Христа, во Него вечно се живее. Свети Георгиј пострадал во овој свет, но живее во вечното Божјо Царство, од каде што постојано и ни помага. Согласно зборовите Господови: „кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде“ (Матеј 16,25). Тука се мисли на сето она од овој свет коешто ние честопати погрешно го сакаме и се приврзуваме, оддавајќи се на различните страсти и угодувајќи си себеси, наместо да ја запазиме душата своја чиста за Бога. А кој ќе ја загуби душата своја за овој свет и за пропадливите нешта во него и ќе се подвизува за Евангелието и за Христа, со готовност дури и душата своја да ја предаде за Него, тој ќе биде спасен. Токму тоа, во негово време, го направил и Светиот Великомаченик Георгиј, кој го свртел своето лице од сè во овој минлив век: од неговата младост и телесна сила и убавина и од неговото звање како римски воен трибун; од платата и почестите што ги добивал од најмоќниот човек во тоа време – римскиот император; од уште поголемите ласкања и ветувања за огромен добробит на земјата понудени од царот Диоклецијан, само ако се откаже од Христа. Го оставил сето тоа, ја загубил душата за овој свет и храбро го посведочил Воскресението Христово; со својата маченичка крв посведочил дека Оној Кој се издигна на Крстот е Единствениот Кој може да нè издигне кон вечниот живот, кон Царството Небесно. Светиот Георгиј избрал да биде издигнат кон тоа нераспадливо Царство, наместо да ги прифати сите соблазнителни понуди од кнезот на овој свет. Затоа тој е толку силен до ден денес и духот негов е меѓу нас и со своите чудеса им помага на Христијаните ширум светот. Впрочем, оној кој заради Христа се откажал од почестите на римскиот цар, денес е избран за заштитник на најголем број држави во светот. Поминале повеќе од илјада и седумстотини години од неговата маченичка смрт, но неговата слава ни малку не бледнее, бидејќи е вечна. Поткрепен од Христос, тој има слобода да ни помага секогаш кога го повикуваме и му се молиме.

Мили мои, од Евангелието за светите Маченици се поучуваме дека и животот, воопшто, е едно мачеништво. Погледнете се себеси и сите околу вас: сите луѓе во овој живот страдаат на некој начин. Сепак, има голема разлика помеѓу оние што, страдајќи, роптаат и оние што со благодарност го носат својот крст. Сетете се за момент на Голготската драма со трите крста. Покрај Христа биле распнати двајца разбојници. И двајцата подеднакво страдале. Но разбојникот од десната страна го прекорил заради хулењето тој од левата: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил“. И Му рече на Исус: „Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ (Лука 23,40-43) Неговата благоразумност, смирението и трпението што ги имал, го направиле прв жител на Рајот. Другиот, пак, разбојник страдал исто како него. Но, иако неговиот живот се приведувал кон смртта, тој не се смирил, туку неблагодарно роптал и хулел на Христос. Така, неговото страдање не беше полезно ниту за него, ниту за другите, ниту пак, го доведе во Царството Божјо.


Да си спомнуваме како Христијани за овој последен пример од земниот живот на Господ Исус Христос. Оти, сум забележал дека ние честопати во нашите страдања знаеме само да роптаме. Ќе ви наведам пример од најмалите нешта во секојдневниот семеен живот, колку им е тешко понекогаш сопружниците да се смират пред брачниот другар. Некогаш едниот ќе заспие порано од другиот, а овој ќе почне нешто да први или да зборува. Тогаш првиот ќе се вознемири и налутено ќе рече: или легни си, или престани да ме вознемируваш, сакам да спијам! Или, пак, наутро еден ќе се разбуди порано, а другиот ќе му приговара: сакам да спијам, остави ме, престани! Оној што во оваа ситуација нема да ропта, туку ќе се смири, ќе придонесе за мирот во домот, а и самиот ќе се исполни со мир. Подобро е да помолчиш, па така и другиот ќе го смириш и ќе го приведеш кон љубовта. Наведов наједноставен пример, што мислам дека сите можат да го применуваат. А да не зборуваме колку ли големи страдања ги снаоѓаат некои луѓе во животот, па не роптаат и на тој начин се спасуваат и себеси и луѓето околу нив. Вчера разговарав со едно духовно чедо што ми кажа каква животна поука извлекла на своето поранешно работно место. Имено, таа работела во болница и се грижела за деца болни од церебрална парализа. Навистина, потребен е голем труд и грижа околу тие деца. Еднаш оваа жена роптала пред децата за тоа како не може повеќе да издржи, дека работата ѝ тежела многу итн. Тогаш едно од болните деца ѝ рекло: „Јас не можам да излезам и да играм фудбал како другите деца, или што било друго да правам, па не велам ништо, не се жалам. А ти го работиш ова за плата и пак велиш дека ти е тешко?“ Ова ја натерало жената да се покае, да се смири и да Му благодари на Бога за сè. Гледате ли колку важно е трпението? Верувам дека заради таквите души, како тоа дете со церебрална парализа и како оваа наша сестричка што седи тука во количка и не може да оди, но дошла на оваа Света Литургија, за да се помоли заедно со нас и да Му благодари на Бога – заради таквите Господ сите нас нè држи во благодат и сè уште го чува овој свет. Сум видел многу такви луѓе што се во големо страдање, но не роптаат, туку со благодарност кон Бога го носат својот крст. Ете право мачеништво што води кон вечен живот! Е сега, изберете, било да сте во брак или во монаштво, по кој пат ќе тргнете? Ќе бидеме ли неблагодарни роптачи и хулители како разбојникот од левата страна на Христа, или пак, ќе го избереме крстот на трпението и благодарноста што води кон вечниот живот? При овој избор да Го имаме секогаш пред очи првомаченикот Христос, Кој со трпение го износи својот крст, се распна на него и од него им прости на тие што го распнуваа… Во спротивно, ќе бидеме ли неблагодарни роптачи, тогаш ќе бидеме постојано вознемирени и помрачени, без да можеме да го пронајдеме вистинскиот мир. И кога неправедно сме нападнати, осудени, злоставени, ако возвратиме неблагоразумно, со истата мера, со зло, нема да можеме да го најдеме мирот. Затоа, и кога сме обесправени, подобро е да помолчиме и да го понесеме нашиот крстот со смирение, па тогаш Бог сигурно ќе нè награди. Нема да нè остави, туку ќе ни даде нераспадлив мир и вечно царство.

Од сè срце Ви посакувам да бидете такви како што нè поучува Апостолот Павле: Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг и исполнувајте го така законот Христов (Гал. 6,2). Во оваа поука се содржи целиот закон, сите заповеди. Го носам ли другиот со мене, макар и да е тежок, неиздржлив карактер – ако го износам докрај, ќе се спасам, и себеси и него. Сум слушал примери од луѓе во затвор, особено од времето кога имаше многу политички затвореници, меѓу кои и свештеници, заедно со криминалци, убијци, разбојници. Трпејќи сè со љубов и давајќи добар пример, свештениците и побожните Христијани ги поправале и најзакоравените осуденици, приведувајќи ги кон покајание. Оние што до пред скоро правеле многу нечесни и лоши дела, се преобразувале и станувале добри луѓе, гледајќи го примерот на трпение и смирение на свештениците и на Христијаните. Таков превосходен пример за нас е денешниот наш славеник, великиот Свети Георгиј, кој со своето големо трпение стана војник на Царот небесен и жител на Неговото Царство и денес е наш силен помошник и соборец.

Мили мои, повикани сме на вечен живот. На него да нè удостои Бог!

Христос воскресе!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Повеќе:

https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/77165/

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная