Денес, во особено свечена и достоинствена атмосфера во претседателската резиденција на Водно, а по повод големиот јубилеј: „1000 години Бигорскиот Манастир“, Претседателот на државата, г. Стево Пендаровски го додели високото државно признание „Орден за заслуги за државата“. Орденот му беше врачен на нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, во присуство на: Премиерот на Владата г. Зоран Заев, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Хераклејски г. Климент, на министри и претставници на Владата, поглаварите на верските заедници, професори, гости и дел од братството и сестринството на нашите манастири.
На почетокот на манифестација најнапред оперскиот пеач Наум Наумовски ја испеа Химната на Македонија, а потоа беше прочитана иницијативата за одликување, а потоа свое обраќање за големото и значајно духовно-историско дело што Бигорскиот манастир го направил низ своето илјадалетие имаше и Претседателот г. Пендаровски. Тој, меѓу другото, истакна:
„Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел“.
Вдахновено слово и порака кон македонската јавност испрати и нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој најнапред длабоко и смирено се заблагодари за оваа благочестива државна иницијатива, а потоа се осврна кон значењето и улогата на Православната Црква во современото општество и нејзините предизвици кон решавањето на актуелните искушенија. Како духовник кој секојдневно се соочува со проблемите и искушенијата на луѓето, владиката Партениј, меѓу другото, нагласи:
„Христијанската традиција, просветлението и животната мудрост, зачувани во илјадагодишното наследство на Бигорската повест, а кои истовремено се поистоветуваат со свештеното православно предание на Црквата од Исток, се единствениот применлив и плодотворен одговор на современите тенденции за обесчовечување на човекот, изразени преку агресивното навлегување на современата технологија, и особено, на социјалните мрежи во сите пори на секојдневниот живот. Соочен со бездушната тиранија на т.н. вештачка интелигенција, денешниот човек сѐ повеќе го губи својот богоподобен образ, се осамува, станувајќи жртва и дел од обезличената и бесцелна толпа. Тоа доведува до создавање на една нихилистичка антикултура, исполнета со ширење на омраза, со исмевање на она што е свето, со релативизирање на вистинското добро. Секојдневно сме сведоци на девалвирање на вредностите што се дел од човекот, и му се прекупотребни, сведоци сме на разноразни клевети, озборувања и лажни вести, коишто причинуваат сериозна штета во психо-соматскиот систем на човекот, а особено на младите“.
Епископ Партениј се осврна, исто така, и на современите проблеми во православната Црква:
„Напати се чини дека го забораваме повикот што Христос го упати кон Своите ученици: Вие сте светлината на светот… вие сте солта на Земјата (Матеј 5,13-14). А ако солта ја изгуби силата, тогаш не можеме да очекуваме дека некој друг и нешто друго ќе ги посоли човечките души со благодатта Божја, благодат што осветува, што ослободува, што ги успокојува и исцелува раните во душите на луѓето. Раздорите и борбите за доминација во православната екумена, во обид да се прескокне, па дури и урне веќе востановениот канонски поредок и преданието во однос на првенството во Црквата, говорат дека кај некои навистина облутавела солта на љубовта, којашто е единствениот надградувачки фактор во Црквата и во меѓучовечките односи, воопшто. Сепак, нема сила што може да ја засени Божествената светлина на Божјото откровение во Православната Црква и таа секогаш наоѓа начин да се пробие во мракот и во меланхолијата на суетното суштествување во овој свет. Јасен показател за тоа е дејноста не само на Бигорскиот Манастир, во чија слава сме собрани сега, туку и на целокупната наша помесна православна Црква. Во контекст на ова, искрено ја поздравувам поддршката на државниот врв за конечното решение на отвореното прашање со признавањето на нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија…“
На крајот, тој уште еднаш му се заблагодари на Претседателот Пендаровски за високото одликување:
„Накрај, како игумен на Свештената Бигорска Обител, би сакал уште еднаш да му се заблагодарам на Претседателот г. Стево Пендаровски и на неговите соработници, за високото државно одликување, со кое им се оддава чест на недобројните бигорски отци, учители и дејци, коишто во текот на цели десет столетија ги оприсутнувале Христовата светлина, радоста, просветата и љубовта, правејќи го Бигорски оска на небесни и земни случувања, претеча на нашата државност, срце на нашата духовност.
Ви благодарам на вниманието! На многаја лета!
Свечената атмосферата во Вила „Водно“ дополнително ја збогати и псалмопеењето на монашкиот хор при Бигорскиот манастир, со кое и се заврши денешниот чин на одликување.
Извор: