Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа, а вистинскиот пост е: Бегање од злото, воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите, озборувањето, лагата, прекршувањето на даденото ветување. Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен.
(Стихира од стиховните на Вечерната)
Ова е времето за покајание, ова е денот спасителен, почеток на Постот: биди будна, душо, вратите на страстите затвори ги и сврти се кон Господа. Со гласот на Неговата Црква, Господ нѐ повикува да ги оставиме зад себе своите грешни и срамни дела и да ја започнеме добрата борба на трпение преку пост и молитва, која ги чисти нашите души и нѐ поставува пред Христа. И нека никој не рече дека без оваа борба и без овие добродетели можеме да се очистиме и да го достигнеме Пресветиот Христос. Векови долгото искуство на многу свети Отци на Црквата, веќе ни го покажале патот, единствениот непогрешлив пат што мораме да го следиме, патот на духовното очистување на нашите страсти, за да можеме радосни да стигнеме во славата на Брачната одаја.
Извор: Бигорски манастир