Нашата Свештена Обител вчера беше почестена со две прекрасни уметнички слики, подарени од благочестивото семејство Јотови од Плевен, Бугарија. Станува збор за портрет на нашиот многу значаен дебарски владика Козма Пречистански (1836 – 1916), роден во с. Орланци, Кичевско, и за претстава на бигорското ќелијно училиште од почетокот на XIX век.
Знаејќи ја желбата на нашиот старец, Архимандрит Партениј, да има претстава во Манастирот на ќелијното училиште, г. Иван Јотов го ангажира познатиот уметник и портретист, г. Васил Горанов, да изработи еден таков стилизиран приказ.
Бигорското ќелијно училиште било првото училиште во западните краишта на Македонија и неговото најрано споменување во историските извори е од времето на знаменитиот игумен Арсениј, во првата третина на XIX век. Се претпоставува дека тоа функционирало и претходно, но Архимандрит Арсениј се погрижил да го збогати со потребна литература. Токму затоа, на сликата е претставен тој, како им чита од книга на мали дечиња, облечени во традиционални мијачки детски носии. Како мотив за училница е исползувана гостоприемната одаја.
Портретот, пак, на Козма Пречистански е насликан според една стара фотографија од него, од времето кој тој бил игумен на Манастирот Пречиста Кичевска.
Семејството Јотови и г. Васил Горанов беа гостољубиво пречекани од отец Партениј и братството.
Им благодариме за прекрасните дарови и искажаната љубов!