„Токму и овој, како и сите Собори, ја има таа цел, да го покаже и потврди нашето единство. Таму каде што го нема, ако го нема, да го врати мирот и да ја посведочи на дело љубовта што треба да ги краси сите вистински Христови последователи и чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.“
Со овие зборови архиепископот г.г. Стефан на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија го отвори заседанието на Архиепископскиот црковно-народен собор кој викендов се одржува во Калишта, кој годинава се поклопува со јубилејот од еден милениум од основањето на древната Охридска Архиепископија, што МПЦ-ОА го слави како поврзување на својот континуитет со ОА.
Порача дека како народ со вековна црква, мора и треба постојано да знаеме по кој пат да тргнеме и кој пат да го следиме, зашто тој пат е вековниот пат на нашата црква, патот по кој оделе нашите славни предци, пат кој секогаш бил пат на вистината, животот и спасението.
– Да го чуваме тој вековен пат и да се браниме од искушенијата на кои наидуваме, секогаш имајќи го пред себе прашањето како би постапил сега и Свети Климент, како би постапиле сега сите наши достојни претшественици, како би постапил сега и блаженоупокоениот Доситеј, како би постапиле сите тие кога би имале слични на нашиве сегашни проблеми и искушенија? Но верувам дека од сите нив би го добиле советот: чувајте ја црквата, чувајте го единството, трудете се да живеете со мир меѓу себе и во мир со сите-посочи г.г. Стефан.
По работниот дел на заседанието на соборот ќе се одржи молебен и поклонение на моштите на Свети Кимент во манастирот на Плаошник и свечена академија во црквата Света Софија во Охрид.
Од
Радмила Заревска -
12:34 06.10.2018
06.10.2018
Калшта