ПРЕОБРАЖЕНИЕ НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС И СИНАКСИС ВО МАНАСТИРОТ СВ. БОГОРОДИЦА ВО БЕРОВО
Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово на 19. август 2018. г. кога во МПЦ ОА го прославуваме Преображението на Господ Исус Христос на гората Тавор; отец Фотиј отслужи Света Божествена Литургија. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни.
По Литургијата отец Фотиј со редовниот синаксис ги поттикнуваше верниците на размислување за евангелските читања.
На почетокот отец Фотиј поттикна да признаеме дека сме незнајковци и дека Црквата ни треба како воздух и вода и храна. Во евангелските читања да се препознаваме себе и да се уподобуваме на Христа Кој денес Го празнуваме како се преобразува во својата Божествена Природна Форма. Со тоа денес Нашиот Господ Исус Христос ни покажува какви и ние можеме и требаме да постанеме.
Јован Богослов во своето евангелие ни сведочи за Синот Божји Кој слезе од Небесата за да ни го објави Словото Божјо. Отецот ни објавува – ова е Мојот возљубен Син. Од нас се бара да бидеме совршени како Отецот. Затоа да го слушаме Неговиот Збор, да Го чуваме и да Го вршиме. Со ова Исус од Назарет, Аголниот Камен на нашата вера и спасение ни го навести нашиот вистински христијански идентитет. Сѐ можеме да изгубиме ама не она што требаме да бидеме – нашиот вистински христијански идентитет.
Затоа Митрополитот Струмички Наум нѐ потсетува да бидеме „мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Матеј 10, 16-17). Змијата кога е нападната и е во животна опасност со телото ја обвива својата глава затоа што знае дека само ударот во глава е фатален за неа.
Денес како христијани соочени со предизвиците на овој и ваков свет мораме да го сочуваме нашиот вистински образ и идентитет, а тоа се обликот и формата која ни е дадена од Создателот. Да не паднеме под искушенијата на светот кој ни го дуе нашето его и нѐ меѓепсува со угодности. Затоа што ако ја изгубиме Христовата форма и образ, сѐ што ќе стекнеме во овој свет ни е бесполезно. Затоа како змијата мудро да ја чуваме Главата, а како незлобни гулаби да им простуваме на нашите ближни.
Затоа отецот ги повика родителите да ја развиваат набожноста кај децата и да ги упатуваат во тоа Кој им е вистински Татко, а со тоа своите ближни да ги препознаат како вистински браќа и сестри. Да не бидат двојни личности – во светот и во Црква. Постои само добро, а злото не постои. Зли се луѓето кои се одвоиле од својот Корен – од Љубовта, Добрината, Вистината. Од црковните празнувања да извлекуваат поука која ќе ја живеат, да ги признаваат грешките и да ги исповедаат, да се причестуваат со Телото и Крвта Христови. Така уподобени во Христа да сведочат во светот.
Во овој контекст отец Фотиј повика кој не постел до Преображение Христово нека почне барем сега до Успение на Пресвета Богородица за со овој пост кој е најважен после Великденскиот во ова милосно време да ја црпиме Божјата Благодат која преобилно и бесплатно ни се нуди.
По синаксисот отец Фотиј со групата волонтери ги започна подготовките за традиционално достојното празнување на Успение на Пресвета Богородица во Манастирот.
Подготви: Ратислав Кардалев