Пуштен во употреба патот до Милениунмскиот крст на Водно
Скопје, 31 јули (МИА) -
Премиерот Никола Груевски денеска го пушти во употреба патот до Милениумскиот крст на Водно. Патот го освети поглаварот на Македонската православна Црква г.г Стефан во сослужение со повеќе свештеници на МПЦ.
- Тоа што го почнавме пред неколку години тоа и го завршуваме. Со задоволство присуствував на отворањето на патот кон Милениумскиот крст - симболот на Скопје кој неодминливо станува еден од неговите главни одбележја, а и од обележјата на Република Македонија, рече премиерот Груевски истакнувајќи дека средствата за негова изградба беа обезбедени преку донаторската вечер организирана од Владата и со други спонзорства упатени до Фондацијата за изградба на Милениумскиот крст.
Тој истакна дека многумина претходно ветиле дека ќе го направат патот, но тоа не го сториле.
- Сега сите скпојани, граѓаните на Македонија и туристите ќе можат да го посетат Крстот директно до горе, рече Груевски и најави дека во блиска иднина ќе биде завршена санацијата на Крстот, на осветлувањето и ќе бидат досредени и останатите придружни објекти.
Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан истакна дека денешното пуштање на патот до Милениумскиот крст на Водно покажува дека кога се сака, секогаш се може.
- Овој пат до Крстот се обидуваа многумина да го направат, но се успеа овие денови и во ова време, односно тогаш кога вистински се сакаше да се направи патот. Ова денешно благословување на патот и свеченото пуштање ќе биде еден мал прилог во чествувањето на големиот празник Илинден и во спомен на сите оние кои се бореле патувајќи низ Македонија, рече г.г. Стефан.
Фондацијата за изградба на Милениумскиот крст со собраните средства од донаторската вечер комплетно го изгради патот од детското одморалиште на Водно до Крстот. Изградбата на патот, кој е долг 3,5 километри и широк четири метри, чинеше 141 илјада евра од кои 50 отсто беа донација на изведувачот ГП „Пелагонија“ од Скопје.
Со останатите средства се планира да се постави изолација и да се поплочат армирано-бетонските плочи на Крстот со природен гранит, како и да се застакли делот во кој ќе биде ресторанот.вј/са/13:34