Љубовта се познава преку Светиот Дух. А душата Го препознава во мирот и во сладоста. О, колку сме должни ние да Му благодариме на Бога за тоа што многу нè љуби. Размислете, возљубени браќа: Господ ѝ го дава Светиот Дух на грешната душа, и дава да ја познае Неговата милост. За да Го познаеме Бога не ни треба богатство. Треба само да го љубиме ближниот и да го имаме смирениот дух, воздржание и послушание, и за тие добри дела Господ ќе ни даде да Го познаеме. А што може да биде на светот поскапоцено од тоа познание? Да се знае Бог, и колку Он нè љуби и на кој начин духовно нè воспитува? Каде ќе најдеш таков татко што би умрел на крстот заради престапите на своите деца? Обично на таткото му е тешко и го сожалува синот што треба да биде казнет заради своите престапи. Но, дури и ако го сожалува синот, сепак ќе му рече: “Ти постапи лошо, и за своите лоши дела праведно си казнет”. Господ пак, никогаш нема да ни каже такво нешто. Он и нам ќе ни каже како на Апостолот Петар: “Љубиш ли ме?” Така и во рајот ќе ги праша сите: “Дали ме љубите?” И сите ќе одговорат: “Да, Господи, ние Те љубиме. Ти нè спаси со Своите страдања на крстот, а сега ни го подари и Небесното Царство”.
(старец Силуан Атонски)