Скопје, 7-ми мај 2017 год. - храм на св. Јован Крстител, н. Капиштец
На 5-ти мај 2017 година, во Неделата на раслабениот, кога Македонската православна црква- Охридска архиепископија го прославува споменот на Светиот маченик Сава Стратилат,во храмот посветен на св. Јован Крстител, во скопската населба Ккапиштец, о. Владимир Кралевски, отслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во текот на Литургијата, отецот произнесе беседа од денешното Евангелие.
Стихови:
Во Овчата бања, Христос со еден збор, како мудар лекар, го исцели раслабениот.
Во тој ден, четврта недела по Пасха, правиме спомен на раслабениот (парализираниот) и, како што прилега, празнуваме едно чудо што го направи Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос. Овој настан е поместен овде затоа што Христос го направи за време на еврејската Педесетница. Кога се искачи во Ерусалим за празникот, и кога беше во бањата со пет тремови, што ја направи Соломон, наречена уште и „Овча бања" (на еврејски - Витезда), затоа што во неа ги переа утробите на овците што беа заклани и принесени како жртва во храмот. Таму еднаш годишно се исцелуваше и првиот којшто ќе влезеше во бањата по раздвижувањето на водата од страна на ангелот. Токму таму Христос наоѓа еден човек кој имал триесет и осум години и кој лежел неподвижен чекајќи некој да го спушти во водата. Од него се учиме и ние колку е добро чекањето и трпението.
И, бидејќи Бог сакаше да ни го даде крштението кое треба да не очистува од секаков грев, Он покажа и во Стариот завет дека со помош на водата е можно да се прават чуда, та кога тоа (крштението) ќе дојде, да го примиме подготвени. Исус се доближи до раслабениот, кој се именувал Јара или некое име слично на ова, и го праша. Тој, пак, Му кажа дека нема кој да му помогне. И Христос, Кој знаеше колкава е болката на тој човек, му рече: Земи го одарот твој и оди. Веднаш тој оздраве и го зеде својот одар на плеќите, за да не помисли некој дека ова дело е привидение, и си отиде дома. Но бидејќи беше сабота, Јудеите му бранеа да оди. А тој се оддалечи од Оној што го исцели и му рече да оди во сабота, бидејќи не Го познаваше. А Исус, како што вели Евангелието, исчезна во народот што се беше собрал таму.
Preminportal.com.mk
(к.т.)
Друго: