Објавено: 13 Март 2016
„Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просвештението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и, откако ќе ја препливаме големата морска ѓир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши“ (стиховна стихира на Вечерна од Недела сиропусна).
На 13.03.2016 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, според веќе одамна воспоставената традиција, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, се помоливме на Господа за Он да ни даде сила и благодат за добро да го започнеме Велигденскиот пост, но и вистински да го изодиме патот на покајанието. На крајот, со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Димче Азески се обрати со пригодно слово кон многубројниот верен народ, а потоа и сите еден од друг побараа прошка за направените гревови и престапи, та очистени од секаков грев и горчина, да влеземе во овие денови на пост и покајание, а Семилостивиот Бог да нè удостои да го дочекаме и светото Христово Воскресение.
Извор: Дебарско- кичевска епархија