„Богато се излеа благодат во твојата уста, Блажени, и реки од догми излеа, кои ја напоија Црквата Христова, многуроден плод принесоа, Тимотее Христопроповеднику, богомудар апостоле“ (песна од Канонот на Утрена на свети апостол Тимотеј).
На 04.02.2015 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, а по повод празникот на светиот апостол Тимотеј и преподобниот маченик Анастасиј Персиец, како и по повод именденот на нашиот духовен возглавител и раководител, Митрополитот Тимотеј, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставорофор Марјан Радински, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески.
По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач и беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово, во кое се осврна на Божјата благодат, како единствена сила која може да нè понесе на патот кон спасението. Но, Митрополитот Тимотеј нагласи и дека тоа не значи дека ние треба да го изоставиме нашиот труд на тој пат кон спасението. Односно, ние треба да постиме, да се молиме, да се подвизуваме според нашите можности и да ги почитуваме и исполнуваме правилата на нашата света Црква. Зашто и ние мора да покажеме дека сме вистински христијани, кои со сета своја слободна волја го посакуваат спасението, односно вечната заедница со Бога. На крајот, Митрополитот Тимотеј се помоли и за застапништвото и молитвите од светиот апостол Тимотеј и од сите светии и ги благослови верните.
Извор: Дебарско- кичевска епархија