“...живееме ли, умираме ли - Господови сме.“ (Рим.14.8)
Денес по Вечерната богослужба, во прилепскиот соборен храм Св.Благовештение - Стара Црква, се отслужи Панихида за упокоение на душата на Далибор Китановски - апсолвент на Богословскиот Факултет и поранешен воспитаник на Македонската Православна Богословија. По тој повод
неговите поранешни соученици и колеги на Факултетот чтец Емилијан Зелнички, чтец Александар Трајкоски, Марко Иваноски, младиот чтец и сегашен ученик на МПБ „Св.Климент Охридски“ Дамјан Трпковски, заедно со протопсалтот м-р Георгиј Секулоски се помолија за упокоение на неговата душа, вечно спомнувајќи си со соборна љубов за починатиот брат и благодарност кон Бога за неговата светла личност.
- Од длабочините на нашите срца одекна молитва, соединувајќи се со заупокоената ектенија - Бог да ја всели “...твојата душа таму каде што почиваат праведниците на место мирно, место покојно, таму каде што нема ни тага, ни болка ни воздишка туку живот бесконечен.“
На панихидата отслужена и возгласена од о.Благоја Илиоски присуствуваа и верници кои споделувајќи ја нашата тага и непребол се соединија
со нашите молитви.
Од сесрце ја изразуваме нашата љубов и поткрепа до неговото семејство, со молитвена порака дека тие од сега натаму ќе бидат и наше семејство, како аманет од нашиот Дац.
Нашите молитви се слаби, но Бог да го помилува по Неговото милосрдие и човекољубие.
- Вечнаја памјат возљубен наш Даци.
Апостол на Панихида за Далибор (Рим.14.6-9)