Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово на 10. август 2014. г. кога во МПЦ ОА се прославуваат : преносот на моштите на св. Климент Охридски; св. апостоли Прохор, Никанор, Тимон и Пармен и св. маченик Јулијан ; отец Фотиј одслужи Света Божествена Литургија. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни.
По Литургијата отец Фотиј ги почетсти верниците со редовната поука во верата. Инспириран од Евангелските четива, Св. Климентовиот пат и поуките на Митрополитот струмички Наум, отец Фотиј зборуваше за благодатта на првата светлина која верникот ја открива на првото скалило од духовниот пат. Смислата на првата светлина е да се преобразуваме и да разбереме пред кого стоиме, која е нашата задача и смислата на постоењето и да почнеме да живееме навистина природно.
Ако со откритието на првата светлина не се гледаме себеси, можеме возгордеани да западнеме во стапицата поаѓајќи од сопствените страсти да ги осудуваме другите . Дури откако ќе се промениме себе си можеме да им помогнеме на другите околу нас или како што порачува св. Серфаим Саровски – промени се себеси за да се спасат и другите околу тебе.
Така и св. Климент Охридски, без техничките средства и медиумите на денешнината, им ја пренесе Вистината на паганите на подрачје многу поголемо од денешна Република Македонија. Некои од нас остануваат во робството на гревот и не се осмелуваат да тргнат по духовниот пат имајќи страв од непознатото.
За Преминпортал: Ратислав Кардалев