Црковниот одбор при Велгошката парохија, со особена чест и задоволство Ве поканува на промоција на монографијата „МАНАСТИР СВ. ПРЕП. МАЧ. ПАРАСКЕВА-ПЕТКА“ од авторот Владимир Ѓ. Шокаровски Шокар.
За книгата ќе беседат:
Гоце Ангеличин Жура- историчар на уметност;
Горан Митрески- историчар;
Промоцијата ќе се одржи во манастирот „Св. преп. мач. Параскева-Петка“, с. Велгошти на 19 јули(сабота), 2014-то лето Господово со почеток од 20:00 часот.
Манастир „Света Петка“ с. Велгошти - Охридско
Сместен е недалеку од Охрид, под Илинска планина, на самата падина од ридот Олмец, а над селото Велгошти. Посветен е на св. вмач. Параскева - Петка Римјанка, која се слави на 08 август, кога е манастирската слава.
Манастирската црква е еднокорабна и над двоводниот покрив се издига еден висок осмостран тамбур со прозорци. Градена е од кршен камен и варов малтер. Над апсидалниот прозорец постои натпис што се однесува на изградбата на манастирската црква, на кој пишува дека е изградена во 1890 година, за време на игуменот Наум Илинчев и со повеление на султанот Абдул Хамид. Во дворот на манастирот има чешма со вода која доаѓа од планината, и на неа е зографисан ликот на св. Петка, во камен, со натпис на кој е истакната годината 1769. Црквата е проширена во 1922 година за време на свештеникот Алексо Шокароски од с. Велгошти.
Во внатрешноста на црквата има иконостас, изработен во 1966 година, и повеќе икони, што потекнуваат од XIX век. Манастирската црква е фрескоживописана од охридскиот зограф Драган Ристески, во 1993 година, со исклучок на мал дел. Конаците се обновени и доградени во повеќе фази, и тоа: во 1970 и 1987 година, за време на старешинското управување на покојниот прота Ѓорѓи Николовски и во 1997 година, кога со манастирот раководел протојерејот Љупчо Двојаковски.
После упокојувањето на игуманијата Ирина, 2005 година, во манастирот нема повеќе монашки живот, иако постојат услови за тоа.
Старешина на манастирот е свештеник Игор Никовски. (Извор)