Тетово, 24-ти мај лето Господово 2014
На 24. 05. 2014, кога Светата православна црква го слави споменот на светите рамноапостолни и сесловенски просветители Кирил и Методиј, во соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија во Тетово, посветен на светите солунски браќа, се отслужи света архиерејска Литургија. На литургијата чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на надлежниот архиереј, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф и Неговото високопреосвештенство, Митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, како и Неговото високопреподобие, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј и повеќемина свештенослужители од Тетовско-гостиварската и Скопската епархија. Со певницата раководеше градскиот хор „Менада“, под диригентство на маестро Ивица Зориќ, како и псалтите, студенти на МПЦ во Солун и Санкт-Петербург, Антонио Лазески, Александар Димоски и Златко Дивјаковски. Верниот народ, кој во голем број присуствуваше на ова празнично торжество за градот Тетово и Тетовско-гостиварската епархија, се причести со светите Христови тајни. Празничната радост, со своето присуство ја збогати и министерот за надворешни работи г. Никола Попоски.
Извор: Тетовско- гостиварска епархија
Синиша Георгиев