Среда, 12 март 2008 година
Великопосните богослужби во Охридското архиерејско намесништво на Дебарско-кичевската епархија во првите четири дена од светата Четириесетница се извршуваат со едноцрквие во Св. Богородица – Каменско, во градот Охрид. На богослужбите присуствуваат сите свештенослужители од намесништвото, со востановен ред на дежурен свештеник, кој ги извршува богослуженијата, а останатите свештенослужители, возглавени од Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, своето молитвено учество во богослужбите го дополнуваат на двете певници.
Во средата како прв ден во кој се извршува света Литургија на Предосветени дарови во црквата „Св. Богородица“ исполнета со верен народ, богослужеше неговото високопресовештенство г. Тимотеј, а во сослужение на архимандрит Нектариј, свештенк Љупчо Симиџиоски старешина на црквата и ѓакон Димче Азески.
По благочестив обичај задржан во Охридското намесништво во првата седмица верниот народ не пристапува кон светата Причест, туку подготвувајќи се со пост, молитва, милостина и добри дела, во голем број пристапуваат во првата сабота Тодорова сабота и во правата недела – Неделата на Православието. Меѓутоа, голем е и бројот на верниците кои пристапуваат на крајот од светата Литургија за да примат по една лажичка осветена вода – агиазма – затоа што првите три дена воопшто не вкусиле храна и не се напиле вода.
Свештенството по завршувањето на светата Литургија, дојдени од сите намесништва во Епархијата, пристапуваат кон востановената традиција во Епархијата, на светата тајна Покајание со извршување на исповед, која вообичаено оваа година ја изврши неговото високопреподобие архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир во Охрид. Потоа свештенството со својот Владика се собираат во административната просторија при црквата на свештенички состанок, првиот во тековната година, на кој се разгледуваат пастирски и административни прашања и се даваат насоки за понатамошни делувања и активности во текот на годината.
Понатамошните богослужби во Охридското архиерејско намесништво од петокот свештенството ги продолжуваат во своите парохиски цркви.
Известува:
свештеник Игор НИКОВСКИ