Како и секоја година на празникот на Христовото Рождество, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј ги израдува оние што најискрено се радуваат на Божикните празнувања – дечињата. Митрополитот Тимотеј, во просториите на Административниот митрополитски центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, ги пречека дечињата на вработените во нашата епархија и им подели Божикни пакетчиња. Дечињата, пак, чувствувајќи ја радоста за доаѓањето на Богомладенецот, искрено и радосно му ја целиваа десницата на дедо Владика и му се заблагодарија.
РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО - БОЖИК (07.01.2014)
„Денес се изврши големо и преславно чудо: Дева раѓа, а утробата не и се распаѓа; Словото се воплотува, а од Отецот не се одвојува; ангелите слават со пастирите, а ние со нив пееме: Слава на Бога во висините, и мир на земјата“ (стиховна стихира на Вечерна од Божик).
Оној што царува со небесните висини доаѓа при нас, за да ја порази силата демонска, која ги соблазна нашите прародители и нè оддалечи од нашиот Творец. Оној Кој е вечен и постои пред сè, сега го зема нашето создадено слабо тело, за сите да нè приведе кон Живоносната и Незаодна Светлина. Он стана човек, за ние да можеме да станеме богови по благодат. Затоа сите ние да Го примиме Христа во нашите души и срца и да не го одбиваме дарот на Спасителот, Кој ни го даде повторното заедничарење.
На овој светол ден, на Великиот празник на Рождеството Христово, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Многумина дојдоа да го пречекаат Овоплотениот Спасител, а храмот дури беше и премал за да ги собере колоните верници, кои трпеливо чекаа да влезат и да се поклонат на Младенецот, но и да се соединат со Него, преку учеството во светиот Путир.
По завршувањето на Литургијата, беше прочитано и Божикното послание, во кое Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на сите верни чеда им го честита Христовото Рождество и им порача: „Прославувајќи го големиот и радосен празник на Христовото раѓање, да се потрудиме со богоугоден живот да Му го приготвиме на Богомладенецот сопственото срце, во кое ќе се роди и од кое ќе направи Свое живеалиште. Да се погрижиме и на овој и на сите празнувања во Господовата година да им ја разбереме смислата и пораката, не заборавајќи дека празнувањето, пред сè, е радување во Господа! А радоста во вечниот Богомладенец никој не може да ни ја одземе! (сп. Јн. 16,22). Како народ, разделен во Татковината и раселен по светот, да се трудиме празниците да ни бидат денови за духовна радост и единство и да покажеме со верата и делата свои дека со нас е Бог и ние сме со Него! Честит Божик и благословено Новото Лето Господово!“
Ја користиме оваа прилика, од името на возглавителот на напата Епархија, Митрополитот Тимотеј, и од името на сето монаштво и свештенство, да ви го честитаме празникот на Христовото Рождество, со торжествениот поздрав:
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Извор: Дебарско - кичевска епархија