Ново издание од Повардарската епархија
30.10.2013.
Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Беседи за животот по животот“ од архимандрит Серафим (Алексиев). Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ од бугарски јазик го преведе протоерејот Миле Љ. Штрбевски. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.
Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.
ПРЕДГОВОР
Да се зборува за смртта е тешко. Никој не ја сака таа тема, сите ја избегнуваат, а сепак, смртта никого не одминува. Таа е како натрапник, кој доаѓа тогаш кога не очекуваме. За неа размислувале философите, но не можеле ни да ја одгатнат, ни да ја победат, туку останувале занемени пред нејзиниот ужас. Старозаветните личности ја третирале како преселување во непостоење, како заминување во подземјето, во адот, во огненото езеро, каде што душите страдаат, како место на „мрак и смртна сенка“, како место на „распаѓање“, место на исчекување.
Со доаѓањето на Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, ни беше објавена благата вест за спасението на сиот свет, на секој човек. Господ со Своето страдање нѐ помири со Бога, ни ги прости сите стари гревови, а Самиот Тој слезе и во пеколот каде што им проповедаше на починатите уште од вековите за Воскресението, и тогаш Он ги скрши вратите на пеколот, и со Своето Воскресение ги ослободи сите починати, кои биле врзани во пеколот и кои со векови токму Него го чекале. Смртта е победена и поразена од Спасителот, а со тоа и обестајнета и обессилена. Христос ја победи и ни покажа дека таа веќе нема сила над оние кои Него Го љубат, и кои се живи членови (органи) на Неговото тело – Светата Православна Црква. Смртта трепери пред секој кој Го носи Христа во себе, затоа што Бог не дозволува Неговите светии да одат во пеколот, ниту да видат распаѓање (Псал. 15, 10). Оние кои својот живот го насочуваат кон Христа, на кои Христос им е најголема радост, кои со својот пост, секојдневни молитви и покајничка исповед Го примаат Христа преку Светата Причест, над таквите смртта нема никаква власт. Таквите уште во овој живот го носат во себе Царството Божјо (Лука 17, 21).
Смртта е тема за која никој не сака да зборува, мислејќи притоа дека, ако не зборуваме за неа, таа нема да нѐ стигне. Но, не можеме да ја криеме главата в земја секогаш кога ќе наидеме на тешко решливи проблеми. За смртта треба да размислуваме трезвено, и да си спомнуваме дека таа нѐ очекува, но и да се подготвуваме за неа. Оние кои не мислат на смртта, се залажуваат себеси, го трошат времето на непотребни и штетни нешта, а го занемаруваат она што е најважно – спасението на душата. Оној кој мисли на смртта, одбрал најдобар и најполезен учител во својот живот. Таквиот никогаш нема да го троши својот живот по непотребни и споредни работи, туку секогаш ќе знае што му е приоритет во животот. Во срцето не смееме да чуваме ништо материјално, ни пари, ни имот, па ни желба за слава, за власт, за сладострастие. Срцето е место резервирано само за Бог и за семејството – сѐ друго треба да си биде на своето место, но не и во срцето. Тогаш кога сме болни, кога се приближуваме кон смртта, или чувствуваме дека смртта нѐ демне и може во секој миг да дојде – токму тогаш сме најздрави духовно, доколку ги искористиме тие моменти за да се подготвиме за излегување пред Господ. Ништо не е поскапоцено од спасението на душата, и затоа Бог ни дава многу прилики во животот да се разболиме, да се приближиме до смртта, или да ја видиме смртта на некој наш ближен - за да се освестиме и да си ја спасиме душата, но ние, поради неверие или маловерие, не ги користиме доволно.
Луѓето кои се далеку од Бога, далеку од Неговото Тело на земјата – Светата Православна Црква, сѐ уште се измачуваат со овие прашања, за смртта, за душата, за вечниот живот. Во книгава која ја имате пред себе дадени ни се одговори на сите овие прашања. Освен тоа, дадени се и детални разобличувања на разните искривени и лажни учења за смртта и за задгробниот живот. Со надеж и желба дека од оваа книга ќе научите многу, и дека ќе ни биде за освестување на сите, од срце ви ја препорачувам на сите, како секојдневно четиво, како најдобар воспитувач во духовниот живот, и раководител кон спасението и вечниот живот. Амин.
Митрополит Повардарски г. Агатангел