МПЦ-ОА во Битола ќе го одбележи празникот „Собор на сите македонски светители“
Неделата на православието, првата недела во месецот октомври, Македонската православна црква Охридска архиепископија-МПЦ ОА ќе ја одбележи со света архиерејска литургија што ќе се одржи во соборниот храм „Св. Димитрија“ во Битола.
Одбележувањето на празникот „Собор на сите македонски светители“ ќе почне в недела наутро кога во Битола ќе престојуваат членови на Синодот на МПЦ ОА, а ќе богослужи поглаварот на МПЦ ОА, г.г. Стефан.
- Преспанско-пелагониската епархија ќе биде домаќин на голем семакедонски собир. Во Битола ќе дојдат претставници од сите епархии. Очекуваме верници од сите краишта на Македонија кои ќе присуствуваат на богослужбата во соборниот храм „Св. Димитрија“, а потоа по Божествената Литургија сите заедно во Нова Битола ќе го разгледаме комплексот каде се гради големиот храм „Собор на сите македонски светители“, најави митрополитот г.Петар.
Во Битола деновиве се подготува теренот каде ќе почне изградбата на камбанаријата на храмот „Собор на сите македонски светители“, а во завршна фаза е изградбата на црквичето „Св. Злата Мегленска“, информираат од преспанско-пелагониската епархија.
- Според урбанистичкиот план, на пешачката зона од црковниот комплекс ќе има голема фонтана за која е утврден донаторот ктитор. Фонтаната ќе биде изградена со содржини кои што се во духот на православната вера и црква. Во просторот на храмот ќе има три фонтани. Очекуваме за десеттина година храмот да биде целосно изграден, а тоа е така бидејќи големите цркви се градат долго. Сите македонски светители заслужуваат посебна почит и затоа ќе изградиме храм кој ќе биде најголемиот и најубавиот во Република Македонија, истакна митрополитот г.Петар.
Во рамките комплексот храм „Собор на сите македонски светители“ од поодамна е изградена една црква чиј ктитор е семејството Герзовски, а завршува и изградбата и на црквичето посветено на Св. Апостол Лука, додека во непосредна близина на камбанаријата ќе биде изградена црква посветена на Св. Константин и Елена, во чест на јубилејот 1700 години од Миланскиот Едикт.
Извор: ТВ Сител