ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ 1.700 Г. ОД МИЛАНСКИОТ ЕДИКТ И 1.150 Г. ОД МОРАВСКАТА МИСИЈА
По повод 1.700 г. од Миланскиот едикт на римскиот цар Константин со кој се прогласи слобода на исповедувањето на Христијанската вера и 1.150 г. од почетокот на Моравската мисија на сесловенските учители Кирил и Методиј, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, организира свечено одбележување на настанот.
На 28 септември 2013 г. (сабота) со почеток во 17:30 ч. во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа Вечерна богослужба со која началствуваше Неговото високопреосвештенство Митрополитот Преспанско- пелагониски и администратор австралиски господин Петар во присуство на Неговото блаженство Архиепископот г.г.Стефан, архиереите на Светиот синод, гости од христијанските и други заедници, дипломатски и представници на државната власт и броен верен народ.
По Богослужбата, од 19 ч. се одржа свечена академија во Музејот на македонската борба.
До присутните се обрати Поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Академијата беше уметнички и духовно воздигната со пеењето на хорот на храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје.
Св.Константин Велики осозна дека духовната слобода е основа на сите слободи. Негов цивилизациски придонес е тезата „на секого треба да му се овозможи слободно да исповеда вера согласно својата совест“. До ваков категоричен императив Константин Велики дојде низ тешка внатрешна борба и агонија од неизвесноста пред пресудниот воен судир. Во таква состојба со директна небесна интервенција тој ја утврдува верата во моќта на Чесниот и Животворен Крст.
Слично на царот Константин и светите рамноапостоли Кирил и Методиј храбро и со вера тргнаа во многу неизвесна мисија. Тие ги напуштија удобностите на животот и славата на нивните предходни успешни мисии и отидоа меѓу народи кои „не ја познаваа својата лева од десната рака“ (Пофално слово за светите и преславни учители на словенскиот народ – св. Климент Охридски). Плодовите на нивната мисија од темнината на незнаењето нѐ извлекоа на патот на Вистината. Нашето придржување на тој Пат е услов за вечно да постоиме.
Преминпортал
РатиславКардалев
28-ми септември, лето Господово 2013