–
По повод празникот на Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матка се одржа Света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото преосвештенство, Владиката Велички, Господин Јосиф. Верните се причестија со Светите Христови Тајни.
Во својата беседа, Владиката Јосиф истакна дека за нас ова е метафорично втор Велигден затоа што победата над смртта повторно се покажа на дело. За денешниот празник немаме записи во Библијата но затоа во Светото предание на Православната црква имаме уверливи сведоштва.
По смртта на својот Син и Спасител Пресветата престојувала во Ерусалим кај апостолот Јован со кого од Христос од Крстот ни се доделени таа за мајка а апостолот за нејзин син. Таа со молитви и поуки ги помагала и утешувала апостолите.
По нејзината смрт апостол Тома доаѓа на гробот но со другите апостоли не го наоѓаат нејзиното тело.
И по нејзиното Успение таа останува најмилозливата молитвеница за натажените и немоќните. Ова особено важи за денешниот прогон на христијаните во светот. Затоа народите не се заморуваат да ѝ одаваат почит.
Целосната беседа може да се види и чуе во приложениот видео запис.
Игуманијата Перпетуа, сестринството на манастирот и многубројните доброволци се потрудија торжеството кон Пречистата да протече достојно на големиот празник.