с.Љубанци (скопско), 19.08.2013 год.- манастир на св. Никола на празникот на Преображението на Господ Исус Христос на Тавор
Во манастирот на св. Никола , на 19 ти август 2013 година, на празникот на Преображението на Господ Исус Христос на Тавор , Отец Михаил Матевски отлужи Божествена Литургија. На Литургијата верениот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Свети Григориј Палама вели дека Петар, Јаков и Јован, Христос најнапред ги одвел на високата гора, што значи, над пониженоста на нашата природа. И потоа вели: „воведените во тајните од Господ (Апостолите), тогаш преку промената на сетилата, која во нив ја предизвикал Светиот Дух, биле приведени од состојба на тело во состојба на дух“. И уште вели: „Христос во моментот на Преображението не примил ништо што дотогаш немал, ниту се променил во нешто што претходно не бил, туку тоа го сторил за да им го покаже на Своите Ученици тоа што Он Е, отворајќи им ги очите и правејќи слепите да прогледаат. Гледаш ли, дека очите кои физички гледаат се слепи за гледање на Светлината? Значи, таа Светлина не е тварна и не може да се види со сетилните очи, туку тие со силата на Божествениот Дух биле подготвени да ја видат. Апостолите биле променети, и само така можеле да ја видат променетата форма; не таа која дури сега се покажала, туку таа којашто Он ја примил од самото соединување со нашата природа, обожена преку соединувањето со Словото Божјо“ (Свети Григориј Палама).
Преминпортал (к.т.)