Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марков манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта петок кон сабота (2-3 август 2013 г.), кога во МПЦ ОА се прославуваат св. пророк Езекил и преп.Симеон Јуродив; со почеток во 21:30 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од јеромонахот Атанасиј Арсоски во сослужение на ѓаконот Ѓоко Бурмузоски. Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни.
Присутните ја имаа благодатта да се поклонат пред моштите на св. Никола Чудотворец и св. Димитриј Солунски.
На крајот на Литургијата, игуменијата Илијана со сестринството на Марковата обител ги подкрепија заедничарите во Христа со колачи и овошје.
Пророкот Езекил живеел во време на вавилонското ропство на Евреите. Морал да ја пренесе тешката Божја порака до бунтовниот еврејски народ. Св. Атанасиј Велики, Архиепископ Александриски во „НАЈГОЛЕМО СЛОВО ЗА ВЕРАТА“ пишува:
Бог говори преку пророкот Езекил: тешко на пастирите Израилеви, кои се пасеа сами себе! Зар пастирите не треба да го пасат стадото свое? ... Слаби не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувавте, истерани не враќавте и загубени не баравте, а управувавте со нив преку насилие и жестокост... И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давида, тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир... и нивни кнез (Езек. 34, 2, 4; 23-24).
И Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан со членовите на Светиот архиерејски синод во Илинденско послание предупредуваат:
„Но она со што можат да ни наштетат другите, не е ништо во споредба со опасноста во која самите можеме да се доведеме. Постоењето на еден народ, вклучително и на македонскиот, е Божја волја и дар, па затоа треба особено внимание да посветиме на градење духовно здраво и многудетно семејство.“
За Преминпортал : Ратислав Кардалев