СЕДМИЦА НА СВЕТОТО ПИСМО (ден 5)
За автентичноста на светите книги на Стариот Завет, односно за тоа како истите се запишувани, пренесувани и канонизирани
Ова е третата година како се одржува седмицата посветена на Светото Писмо. Во рамките на оваа седмица, на 14.06.2013 г. во салата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ презвитер Ивица Тодоров одржа предавање: „ За автентичноста на светите книги на Стариот Завет, односно за тоа како истите се запишувани, пренесувани и канонизирани“;
Смислата на предавањето е вистината за тоа како, од кого и на кој начин се запишувало и од кого било канонизирано и автентично сочувано Откровението Божјо во овој свет. Денес постојат многу центри на моќ на кои сериозно им пречи Вистината Божја запишана во Светото Писмо. Исто така Светото Писмо се злоупотребува од разни основачи на секти и култови кои преку него ги манипулираат своите жртви. Затоа, од важност е да се разбере вистината дека Светото Писмо е изнедрено од Црквата – од старозаветниот и од новозаветниот Народ Божји – и дека надвор од Црквата не може вистински да се разбере Писмото и спасително да се живее.
Од периодот после Потопот имаме археолошки докази кои се во согласност со записите во Светите Писма. 2166 г. пред Христа во градот Ур во Халдеја, меѓу реките Тигар и Еуфрат, се раѓа Авраам . Во Првата книга Мојсеј за овие настани пишува многу подоцна вдахновен со Божјото Откровение. Бог бара од Мојсеј да го запише откровението затоа што ја познава човековата заборавлива природа. Откровението ќе биде препишувано од книжниците, а понатаму е пренесувано од свештениците - левити. Точноста на преписите е утврдувана со точно броење на буквите во писмата.
587 г. пред Христа евреите подпаѓаат под вавилонското ропство од царот Набукодоносор кој го разурнува првиот храм. Од тогаш до ден-денешен се губи трагата на цивилизацискиот артефакт – Ковчегот на заветот, кој веројатно за да биде спасен бил скриен.
Во период 538-457 г. пред Христа свештеникот Ездра врши редакција на старзаветните книги. За да ја обезбеди точноста на новата редакција, Ездра го чита Писмото (Тората или Законот) пред целиот народ.
По второто разурнување на храмот од страна на римјаните после Христа, евреите се раселени по целиот свет. За да си ги сочуваат верата, јазикот и писмото без храмови и раштркани по светот, свештениците канонизираат избор на 39 книги од Писмата како Тора во форма на Стариот Завет кој денес ја познаваме. Писмата се преземаат и од другите народи и биваат внимателно чувани по нивните храмови. Со почетокот на печатењето во Новиот век се множат преводите, а Писмата се чуваат и во домовите. Со тоа се појавува ризикот за одстапување од изворната содржина.
(предавањето продолжува во сабота 15.06.2013 г. во 18:30 часот во Соборниот храм)
За Преминпортал: Ратислав Кардалев