Писмо со сочувство од Американско-канадската Православна Епархија (13.06.2013)
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА
MACEDONIAN ORTHODOX CHURCH - OHRID ARCHBISHOPRY
АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКА МАКЕДОНСКА
ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА
AMERICAN - CANADIAN MACEDONIAN ORTHODOX
DIOCESE
Бр.39-13
Јуни 11, 2013 г.
Ваше Блаженство,
Ваши Високипреосвештенства,
Ваши Преосвештенства,
Веста за блаженото упокојување во Господа на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, што во диецезата на Американско-канадската Македонска Православна Епархија силно одекна и брзо се рашири, ја примивме со длабока тага.
Со неговото упокојување, Македонската Православна Црква загуби неуморен и ревносен архипастир на стадото Христово, бестрашен, непоколеблив, гласноговорлив и сеодаден поборник за македонската црковна и национална правда и вистина.
Неговото, пак, богоугодно евангелско дело, во нашава Американско-канадска Македонска Православна Епархија, остави длабоки траги во животот на македонските православни верници. Семето на Евангелието, што како македонски апостол го посеа на Северноамериканскиот континент, благородно даде многукратен плод, раѓајќи десетици македонски светилишта, како чувари на нашата света прадедовска православна вера и на нашиот македонски идентитет.
Високопреосвештениот Митрополит Кирил, „добро се бореше, патот го заврши, верата ја запази“ (2 Тим. 4, 7). Затоа, и „венецот на правдата што ќе му го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2 Тим. 4, 8), нека биде според неговите добри дела.
Од свое име, од името на свештенството и на верниците на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, примете го Нашето сесрдно и длабоко сочувство поради упокојувањето во Господа на Нашиот возљубен сомолитвеник и брат во Христа Бога, Високопреосвештениот Митрополит Кирил. Молитвено посакуваме Бог да ја упокои неговата душа таму каде што почиваат праведниците.
Бог да го прости и нека му е вечен споменот.
МИТРОПОЛИТ АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКИ
†Методиј