СЕДМИЦА НА СВЕТОТО ПИСМО
Православната вера и моралната криза во општеството
Во рамките на третата седмица посветена на светото писмо,
на 10.06.2013 во салата на соборниот храм „Св. Климент Охридски“
се одржа предавање на тема „Православната христијанска вера и духовност – решение за духовната и моралната криза во општеството.
Предавачот, епископот лешочки д-р Јосиф ги образложи ставовите дека :
1. Моралната криза е одраз на кризата на личноста;
2. Човекот е создаден на Божјо подобие со можност да стане во сè еднаков на Создателот освен во природата (што не значи дека православната теологија паѓа во политеизам).
Тој ја спореди состојбата пред 2.000 години кога светот го очекуваше Месијата. А Тој доаѓајќи ги повика луѓето на покајание зошто Царството Божјо се приближи. Денес зборот покајте се речиси дека го снема од секојдневниот речник на луѓето.
Некои сметаат дека светот денес е целосно паднат во грев. Со ова не треба да се согласиме затоа што тогаш даваме подпора на поединците кои го оправдуваат својот морален пад со падот на светот воопшто слично како што Адам се обиде да се оправда со вината на Ева.
Православната теологија смета дека Создателот е немоќен да му наметне на човекот да Го сака. Затоа слободата на човекот се бара единствено во човековото обожување.
Сведоци сме како цели здруженија, фондации, институции како организирани структури на злото целно се насочени против човековата слобода и достоинство. Се оди дотаму што таа цел се озаконува под маска на т.н. човекови права.
Христијанските вредносни категории не се менуваат за разлика од тенденциите кон модернизација или божемни широкогледни стојалишта за добро на сите. Современите величања на неолиберализмот како цел за себе можеме да кажеме дека се антихристијански.
Во дискусијата која следеше се отворија многу современи теми:
• Чудно како тоа никако „да се случи народ“ на прашањето за воведување на веронауката во образовниот систем;
• Евидентно е дека современите христијани паѓаат во моментите кога верата треба да ја сведочат со лична жртва и истрајност;
• Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија по 45 годишното возобновување направи огромен исчекор во надминување на последиците од многувековното световно но и духовно ропство;
• Особено позитивни поместувања во духовниот живот се забележителни последниве петнаесетина години;
• За натамошен духовен развиток потребна е реевангелизација.
За Преминпортал: Ратислав Кардалев