Претседателот г-дин Ѓорге Иванов на свеченост по повод 50 години од првата македонска црква во дијаспората
Повик за обединетост на Македонците од целиот свет упати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од Канада, каде на вториот ден од својата посета присуствуваше на гала-вечера во соборната црква „Св.Климент Охридски“ во Торонто, по повод прославата на 50-годишнината од првата македонска црква во дијаспората.
- Знам дека имаме исти желби и визии за нашата заедничка татковина Македонија. Мојот апел до сите вас е да се обединиме околу мотото: каква Македонија создаваме, таква и ја имаме. А сакаме да имаме побогата, понапредна, европска и евроатлантска Македонија. Од Македонија да создаваме земја отворена за странски инвестиции, напредни технологии, претприемаштво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Ве повикувам заедно да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, критериуми и вредности. На тоа нè обврзуваат нашите предци, но, пред сè, на тоа нè обврзуваат нашите деца, кои се нашата иднина, рече претседателот Иванов.
Пред насобраните преставници на македонската заедница во Торонто претседателот Иванов порача – никој не смее да прави компромис кога станува збор за основните човекови права и достоинство.
- Никој и никогаш не смее да прави компромис кога станува збор за основните човекови права и достоинство. Па така, и ние, Македонците. На тоа нè обврзуваат не само меѓународните конвенции и институции, туку и длабоката македонска традиција на соживот. Македонската посветеност кон толеранција и почит на различноста, рече Иванов.
Во присуство на премиерот на провинцијата Онтарио, Кејтлин Вин, и околу 400 гости, претседателот говореше и за сличностите на Македонија и Канада, пред се како земји што ја негуваат културната, етничката и верската разноликост.
- Македонија и Канада споделуваат многу нешта. Споделуваме исти вредности. Двете демократии имаат сличен модел на интеграција без асимилација, модел што подразбира негување на културната, етничката и верската разноликост. Нашите две држави промовираат толеранција и дијалог меѓу граѓаните и меѓу народите во светот, рече шефот на државата.
Најстарата и највлијателна македонска организација „Обединети Македонци“ на настанот му додели на Иванов признание за промоција на човековите права „Методија Андонов Ченто“ (Macedonian Human Rights Award Metodija Andonov Chento).
- Признанието го прифаќам со гордост и чест, не само во мое име, туку и во името на Република Македонија и македонските граѓани, и сè она што правиме за заштита, унапредување и промовирање на човековите права, рече претседателот Иванов.
Гала-вечерата во црквата во Торонто е меѓу настаните со кој годинава се одбележува 50-годишен јубилеј од осветувањето на црквата „Св. Петар и Павле“ во Краун Поинт, Индијана, прв македонски храм изграден во дијаспората.
- Во таа смисла подготвуваме неколку настани во текот на годината. Централниот секако ќе биде на 14 јули во Краун Поинт, Индијана. Поканети се многу гости. Се надеваме дека ќе има добар прием и од страна на луѓето од црковните општини од Канада и САД, особено затоа што значајни гости од Македонија, и од црковниот и од политичкиот живот, ќе бидат дел од целата таа прослава, изјави митрополитот Американско-канадски, г. Методиј.
Претседателот Иванов денеска ќе ја посети општината Маркам, во јужниот дел на Торонто, каде ќе присуствува на церемонија на подигнување на канадското и македонското знаме, како и на церемонијата на откривање и сечење лента на улицата „Битола“.
За Преминпортал: Марјан Николовски
Текст: ТВ Сител (М.Н.)