Викарниот епископ Јосиф Велички одслужи Божествена Литургија на 31 март 2013 г. кога МПЦ ОА го прославува свети Кирил архиепископ ерусалимски и свети Анин Чудотворец, во храмот Св. Никола во Скопската населба Север. На Литургијата сослужуваа презвитер Ивица Тодоров, отец Ацо Гошевски и ѓакон Ванчо Умленски. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Богослужбата во храмот се внесе новото црковно ѕвоно кое наскоро ќе го освети Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски – г.г. Стефан.
Денешните литургиски читања (Марко 2, 1-12: Христос во Капернаум го крева фатениот од посетлката во која го донеле четворицата) понатаму ги подтикнуваат нашите духовни расудувања во екот на Великиот пост. Ни ја истакнуваат живата дилема што е позначајно за нас – исцеление на телото или спасение на душата и вечниот живот?
Тоа е истовремено подтикнува на расудување – што е за нас грев? Колку во нас се живи свеста и совеста на човечкото битие?
Свеста дека сум величествено човечко битие, круна на сè создадено со можност да станам соучесник во Божествената природа. Свеста дека во овој-и-ваков-свет можам да делувам црпејќи сили од мојот Создател.
Совеста дека ако го повредувам не само ближниот но и себеси работејќи против оваа свест погоре – тогаш повредувам суштество создадено во Љубов во Божие подобие.
Колку е величенствено да си човек. И додека ден-денес го осудуваме и распнуваме Тој ни довикува – ПОКАЈТЕ СЕ ЗОШТО БЛИСКУ Е ЦАРСТВОТО БОЖЈО.
За Преминпортал,
Ратислав Кардалев