„Со воздржување да побрзаме сите телото да го смириме, минувајќи го божественото поприште на светиот пост, и со молитви и солзи Господа, нашиот Спасител, да Го побараме, викајќи: Згрешивме, спаси нè, како некогаш Ниневјаните, Христе Цару, и заедничари на Царството небесно, Милосрден, направи нè“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Недела од Сирна седмица).
На 17.03.2013 година, денот кога го прославуваме празникот Прочка, односно Велигденските поклади, беше отслужена Вечерна богослужба во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, на која началствуваше архимандритот Нектариј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Вечерната служба присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а со негов благослов, по завршувањето на Вечерната богослужба, свештеникот Димче Азески се обрати кон мноштвото верни со пригодно слово. По завршувањето на службата, беше прочитана и молитвата пред почетокот на светата Четириесетница, а потоа сите присутни, и свештенството и верниот народ, зедоа благослов од Митрополитот Тимотеј, и си ги простија прегрешенијата еден на друг. Господ Исус Христос нека нè укрепува во текот на целиот пост, та со очистени души и тела да го дочекаме славното Христово Воскресение, сега и во вечни векови. Амин!
Извор: Дебарско- кичевска епархија