Срцето твое се распространи кон сите, кои со љубов ти се молат, светителу Јоване, и си спомнуваат за подвигот на целиот твој многустрадален живот, но и за безболното твое упокојување, верен служителу на Пречистата Одигитрија. Песна 8 од канонот на всети Јован.
Ми се чини дека нема човек, кој дошол да се поклони пред нетлените мошти на светиот владика Јован, а да не заплакал.
Се приближуваш до неговите мошти и целиот трепериш, а солзите, навистина, сами по себе се ронат по лицето.
Ах таа благодат! И цела книга да напишам, нема да биде доволно, а и не може, да се опишат тие чувства. Просто, тие работи се чувствуваат во срцето. Тоа е она кое не се опишува, туку, само се чувствува.
Ете, тоа е чувство кое многумина, а и јас грешниот, го почувствувале кога доаѓаат на неговите мошти.
Исто така во Сан Франциско, се наоѓа домот, свети Тихон Задонски, местото каде што светиот владика Јован живееше и сирачињата ги чуваше. Таму се наоѓа неговата ќелија и во неа фотелјата на која, тој, меѓувремено се одмараше. Ми се чини дека секој кој влегол во оваа ќелија се осветил.
Свето е местото каде што тој живееше, осветени се ѕидовите каде тој катадневно литургисуваше, а ќелијата сведочи колку ревносно во вечерните часови, светиот владика, се молеше.
Светињите им припаѓаат само на светиите. Смртта на преподобните секогаш била и ќе биде чесна пред Господа.
Свето е местото каде што тој живееше, светиот Јован, архиепископот Шангајски и Сан Франциски!
Те величаме светителу оче наш Јоване, брз помошнику во бедите!
Радувај се!
Стојан Серафим Андов
Јануари, 18 Лос Анџелес.
Радувајте се!